Прилеп се издвојува со највисоко ниво на селекција на амбалажен отпад меѓу градовите во Македонија, опфатени со најновото истражување на „Пакомак“.
Според истражувањето, спроведено во март 2026 година, 49 проценти од граѓаните на Прилеп селектираат амбалажен отпад за рециклирање. Овој резултат го позиционира Прилеп на лидерското место во земјава и покажува дека селекцијата на отпад постепено станува дел од секојдневните навики на прилепските домаќинства.
Истражувањето на „Пакомак“ се спроведува на секои две години и опфатило 1.200 испитаници од повеќе градови во земјава.
Меѓу граѓаните кои селектираат отпад, најзастапена е селекцијата на пластични шишиња – 70,8 проценти, потоа различни видови пластична амбалажа – 46,6 проценти, стакло – 45,7 проценти и хартија – 30,7 проценти.
Резултатите се значаен показател за степенот на еколошка свест кај прилепчани, но и потврда дека вложувањата во системот за селекција на отпад даваат резултати тогаш кога се проследени со активно учество на граѓаните.
Континуирано унапредување на системот
Општина Прилеп, во соработка со надлежните институции, континуирано работи на подобрување на условите за примарна селекција и поефикасно управување со отпадот.
Преку Министерството за животна средина и просторно планирање, за потребите на прилепските домаќинства се обезбедени:
8.318 канти со капацитет од 120 литри за примарна селекција на отпад;
126 нови контејнери со капацитет од 1,1 м³, кои се поставени низ градот како замена за дотраените и оштетени садови за отпад;
9 специјализирани возила за собирање отпад, од кои три веќе се испорачани;
52 полуподземни контејнери, за чија набавка и поставување е во тек постапка, со инвестиција вредна над 17 милиони денари, обезбедени преку Министерството за животна средина и просторно планирање.
Дополнително, преку кампањата на ЈКП „Комуналец“ „Чисто е убаво“, во период од само 60 дена во процесот на селекција се вклучиле 680 нови домаќинства, додека на граѓаните им биле испорачани 1.280 канти.
Овие активности се дел од континуираните напори за создавање пофункционален систем за управување со отпадот и за зголемување на опфатот на примарната селекција.
Резултатот од истражувањето покажува дека системот има смисла тогаш кога граѓаните го прифаќаат и го користат. Со заедничко делување на институциите и граѓаните, селекцијата на отпад може да стане трајна навика, а Прилеп да продолжи да биде пример за одговорен однос кон животната средина.

