Наскоро јавниот превоз во Прилеп, со четири нови автобуси на метан

Во текот на летото, јавниот превоз во Прилеп, ќе биде засилен со четири нови автобуси на метан, чија што набавка е во тек. Средствата се обезбедени од општинската каса, префрлени на Јавното претпријатие за Просторни и урбанистички планови, кое што ја реализира набавката, со распишување меѓународен тендер.

Според директорката на ЈП ПУП,Марија Цветаноска новите автобуси значително ќе го подобрат јавниот превоз во градот. Во моментов од 13 набавени стари автобуси од претходната власт, само 5 се во функција. А, континуирано од сметката на ЈП ПУП, се трошат огромни средства за поправка на крајно амортизираниот возен парк, којшто всушност  наместо автобуси во возна состојба, има огромни количества железо, без употребна вредност, и треба да заврши во отпад.

 „Оваа локална власт и ова Јавно претпријатие за просторни и урбанистички планови работат на трајно и квалитетно решавање на проблемот – продуциран од власта на ВМРО-ДПМНЕ.Во тек е набавка на 4 нови автобуси на метан, што значи квалитетен превоз, паралелно почиста животна средина! Обезбеден е бесплатен градски превоз за пензионери четири часа дневно. Нови автобуси ќе има! Квалитетен градски превоз ќе има, наскоро!И тоа само 1.5 година од доаѓањето на новата локална власт“, порача денеска директорката Цветаноска, на прес конференција, со цел да ја извести јавноста по ширење на невистините изнесени на прес конференција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп.