Најдобрата македонска спортистка, прилепчанката Пуликсенија Јованоска, на средба со градоначалникот Јованоски

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски во својот кабинет ја прими најдобрата спортиска на нашата држава за 2019 година, државната репрезентативка во карате, прилепчанката Пуликсенија Јованоска.

„Ми претставува особена чест и неизмерно ми е драго што најдобрата спортистка на нашата држава доаѓа токму од Прилеп. Резултатите кои во изминатите години Пулексенија ги постигнува во континуитет, сведочат за нејзината посветеност и љубов кон карате спортот. Но, истовремено, нејзиниот успех е најдобар доказ дека со упорност и со напорна работа секоја цел е достижна. Општина Прилеп продолжува со поддршка на спортот и спортистите, на подобрување на условите за нивно функционирање, со единствена цел да им овозможиме да постигнуваат успеси како на домашните, така и на меѓународните натпреварувања. Успехот на нашата Пулексенија Јованоска, треба да биде мотив повеќе за сите нив“, изјави градоначалникот Јованоски.

Во изборот на Агенцијата за млади и спорт, каратистката Пуликсенија Јованоска е избрана за спортистка на годината на нашата држава.

„Моето петто место на Европското првенство во Гвадалахара, беше најдобриот резултат на една македонска спортиска во 2019 година. Во текот на годината учествував на 9 турнири од светски ранг, на кои што се борев и собирав бодови за да влезам во потесниот круг на ранг листата, односно меѓу 20 најдобри каратистки во светот и да стигнам до нормата за Олимписките игри во Токио во 2020 година. Сакам да упатам благодарност до Агенцијата за млади и спорт и директорот Дарко Каевски, заради поддршката која им ја даваат на спортистите и затоа што со помош на Владата ги реализираа ваучерите кои се од исклучителна важност за спортот и спортистите“, истакна Јованоска.

Јованоска живее во Прилеп, но сите тренинзи и припреми кои што се под капата на Карате федерацијата и Македонскиот олимписко комитет, ги одржува во Скопје.

Пуликсенија Јованоска е првата прилепчанка која е избрана за спортистка на нашата држава.