Младите шампиони од АК „Стеваноски“ денеска имаа средба со градоначалникот Јованоски

Младите шампиони од атлетскиот клуб „Стеваноски“ од Прилеп, денеска ја посетија Општина Прилеп и разговараа за своите успеси и планови со  градоначалникот, Илија Јованоски.

„Чест и задоволство ми е, што денеска остварив среба со атлетскиот клуб ‘Стеваноски’, поранешен ‘3-ти Ноември’ – клуб којшто работи под раководство на   нивниот тренер, г-дин Ѓорѓија Гешовски. Овој клуб постои со години. Има постигнато високи резултати на олимписките игри во Сиднеј и во Лондон. Прилеп, треба да се гордее со овој клуб. А, радува и фактот што имаат и подмладок. Низ разговорот ми посочија дека им недостига стандардизирана атлетска патека во градот. Доколку има можност, следната година ќе се потрудиме Прилеп да добие современа атлетска патека“, рече градоначалникот Јованоски.

Доајенот во атлетиката во Прилеп, професорот Ѓоргија Гешовски, евоцирајќи спомени од убавите денови на атлетските Прилеп, посака да биде неговото име во Гинисовата книга на рекорди како најстар тренер.

„Сакам да влезам во Гинисовата книга на рекорди, како најстар тренер во поранешна Југославија и сегашна Македонија. Ја досега сум 58 години, и уште 7-8 години не е ништо за мене“, посочи Гешовски.

„Голема благодарност до Општина Прилеп и до градоначалникот Илија Јованоски, зашто оваа година ни помогнаа финансиски за да ги оствариме дел од нашите активности, како и сите други спортски здруженија. Денеска разговаравме и за остварување на втората наша желба, Прилеп да добие атлетска патека“, истакна Миле Тренчески, тренер во „Стеваноски“.

Младите атлетичари со гордост зборуваа за своите успеси.

„Многу ја сакам атлетиката. Имам освоено прво, второ и трето место“, изјави Марко Стеваноски.

„Имам учествувано на повеќе трки. Имам трчано на ‘Методија Веноски’. Таму минатата година го освоив второто место, а оваа година првото“, рече Ива Аџиоска.

„Јас сум рекордер во Република Македонија во дисциплината ‘фрлање диск’. Рекордот го поставив пред две години. Му се заблагодарувам на мојот клуб за поддршката“, изјави Дафина Настеска.

 

 

Спонзорот на клубот е семејството Стеваноски. Тие со гордост велат дека ќе продолжат да инвестираат во клубот, за да нижат успеси талентираните деца и во иднина.

„Ние како спонзори на атлетскиот клуб ‘Стеваноски’ со гордост го правиме ова, Сакаме да го овозможиме функционирањето на клубот, којшто историски го носи името ‘3-ти Ноември’. Не се откажуваме, продолжуваме понатаму сите заедно“, рече Ана Стеваноска.

Таа од името на атлетскиот клуб „Стеваноски“, на градоначалникот Јованоски му подари книга за потеклото на атлетиката и достигнувањата во неа,чиј автор е нашиот покоен сограѓанин, Милорад Думбалоски, истакнат спортски работник.