Меѓународен меморијален турнир „Миле Нешкоски“

Во спомен и чест на врвниот прилепски, македонски спортист, Миле Нешкоски, којшто пред 7 години замина во легенди, денеска и утре во Прилеп, во Универзалната сала кај Тутунски Комбинат се одржува Меѓународен меморијален турнир што го носи неговото име.

Попладнево делегација на Општина Прилеп, на семејството Нешкоски, бројни спортски делегации од многу ракометни клубови положија свежи цвеќиња пред спомен плочата на Миле Нешкоски, што се наоаѓа наспроти влезот во Универзалната сала.

Ракометарот,соиграч и другар на Нешкоски,Кристијан Илиески го прогласи официјално турнирот за отворен.

„Прилеп со гордост се сеќава на спортската големина и грандиозност што во себе ја носеше еден од нашите најдобри ракометари, мојот и нашиот заеднички пријател, Миле Нешкоски. Го паметам пред се’ како голем човек, другар, соиграч. Заедно остваривме многу спортски успеси за нашиот град. Заедно осмисливме многу акции, реализиравме стотици голови, нижевме успеси. Со неговата пожртвуваност на теренот и тимскиот дух, Миле Нешкоски, заслужено го обезбеди своето место помеѓу звездите, најдобрите играчи и легендите во прилепскиот ракомет. Со иста толкава чест, каква што ја имав да бидам соиграч и другар на Миле Нешкоски, денеска го прогласувам меморијалниот турнир, за отворен“, рече Илиески.

Утре по натреварувачкиот дел и прогласување на годинешните победници на ракометниот турнир, доајените на македонскиот ракомет ќе изиграат ревијален натпревар во чест на Миле Нешкоски.

Градоначалникот Илија Јованоски на победниците ќе им врачи признанија.

Инаку, овој меморијален турнир во Прилеп,се одржува по 4 пат. Од  РК „Прилеп“ велат дека турнирот од годинава ќе се одржува секоја година.