„Љубовни пози на историјата“ по текст на Стефановски,режија на Поплавска, и изведба на „Војдан Чернодрински“ освои три награди

Ансамблот на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ за колективна игра
во претствата „Љубовни пози во историјата-Фигура венерис историе“ во
режија на Наташа Поплавска, по текст на Горан Стефановски, освои награда
на Меѓународниот фестивал на актерот во Никшиќ. Актерката Ангела
Нуамоска, освои Гран при за епизодна женска улога, а актерот Зоран
Иваноски, Гран при за епизодна машка улога.

„Целиот ансамбл ја одигра претстaвата маестрално. Во момент кога чувствата
беа измешани, веднаш по трагичната вест за загубата на Горан Стефановски,
прилепскиот ансамбл со неверојатна енергија ја одигра оваа претстава.
Така му оддаде почит на Стефановски. Режисерката пред почетокот на
претставата имаше краток омаж за ликот и творештвото на Стефановски.
Публиката со громогласен и долготраен аплауз му оддаде почит. Овој е
последен објавен драмски текст на Стефановски. Праизведбата беше во 2014-
та година во театарот во Љубљана. Неполни две години потоа беше поставен
и на сцената на театарот ‘Војдан Чернодрински’ и со голем успех се играше
овие две години“, вели Менче Караџоска, директор на центарот за култура
„Марко Цепенков“, во чии рамки функционира театарот „Војдан
Чернодрински“.

Наградените млади актери од прилепскиот ансамбл се колку задоволни од
добиените награди, толку и разочарани од досегашните фестивалски жирија
во Македонија. Па, велат дека во Македонија нивната актерска игра е
наградена, само откако ќе добијат награди на фестивали во странство.

„Во жири комисијата немаше ниту еден Македонец и за тоа ми е многу драго.
И покрај тоа се закитивме со три награди.Така што утре, задутре никој не
може да рече дека ‘тој им ја нареди ним наградата…’ Оваа ми е прва награда
освоена во театарот. Сакам да ја споделам со сите колеги, зашто без колегите,
нема награда. Сам јас не излегувам на сцената, имаме партнери, колеги, се
поддржуваме. Ми е криво затоа што оваа претстава беше изведена на театарските игри овде во Прилеп минатата година и тоа е една чудна работа,
нашите генијалци не успеаја да ја видат оваа претстава, нејзините вредности.
Што ние како колеги, не само јас и Ангела, што можеме да понудиме како
актери, а не само како колектив. Ние сме јаки како колектив, но имаме и поединци
коишто навистина ‘растураат’. Се надевам дека во иднина, македонското
жири ќе почне да гледа со поинакво око“, смета Иваноски.

„Веројатно оваа е традицијата која што ни се повторува. Првин ние ги
добиваме наградите надвор од Македонија, па потоа се враќаме овде, ги
играме претставите на МТФ ‘Војдан Чернодрински, па дури тогаш не
наградуваат. Веројатно правило треба да биде, кога ќе ја дадеме премиерата да излеземе од Македонија, да земеме награди за да стручното гледачко око знае дека ние нешто правиме, а не шетаме и не ги кршиме само штиците што се поставени
таму“, додава Актерката Наумоска.

И Наумоска и Иваноски носат огромни импресии од овој фестивал во
Никшиќ.

„Она што го чувствував во моментот кога ни ги доделуваа наградите, и она
што го чувствувам сега, веројатно во зборови тешко дека може да се стави. И
покрај тоа што претставата ја одигравме пред никшиќката публика, подоцна
можев да направам споредба за нашата претстава имаше најмалку публика,
веројатно бариера им беше јазикот. Со оглед на тоа, колку награди собравме,
ја пропуштија најдобрата претстава на фестивалот. Од една страна ми е жал
за нив, а од друга страна ми е многу кеф за нас. На некои работи нема
реприза натаму. А, какво е чувството? Јас уште не можам да си ги соберам
импресиите од ‘Војдан Чернодрински’, а оваа ми е втора награда“, изјави
Наумоска.

„Овие награди треба да бидат посветени на Горан Стефановски. Тој беше
дојден за време на фестивалот во Прилеп, ја гледаше изведбата. Потоа со
сите сподели импресии од претставата. Тоа што го сподели тој со мене, беше
најголемата награда за оваа претстава. Мислам дека овие награди се за него,
во негова чест“, вели актерот Иваноски.