Кулминираше атмосферата на втората вечер од „Пивофест 2018“

Со моќниот настап на ВАН ГОГ, составот кој ја размрда прилепската публиката, започна втората вечер од фестивалот на пивото и скарата. Прилепчани во еден глас ги пееја рефрените на Дарио и „Миг 21“, а атмосферата кулминираше со настапот на Црвена јабука. „Има нешто во срцето“, „Дирлија“, „Туго-несреќо“,„Некако со пролетта“  и многу други хитови, беа ѕвездениот бум на оваа фестивалска ноќ. Вокалистот Дражен Жериќ викан Жера „палеше и гаснеше“ пред големиот број свои обожаватели. Насмеаните лица на посетителите кои уживаа во вкусната скара и пиво не го криеа задоволството од извонредната забава.

„Еве како што гледате, супер си поминуваме.“

„Убаво е многу. Сега доаѓаме и навистина е многу убаво.“

„Доаѓам од Виница, другите се од Струмица, Скопје, Шпанија и сè е супер.“

„Доаѓам од Битола за Ван Гог. Секоја година сме дел од ‘Пивофест 2018’ и навистина ни е многу убаво.“

“Јас сум битолчанка, но живеам во Шведска. Прв пат сум на ’Пивофест’ и можам да кажам дека амбиентот е добар, убаво е, ми се допаѓа.“

Забавата продолжи до раните утрински часови со Ди џеј Мозел, кој приреди вистински диџеј сет. Втората вечер од „Пивофест“ помина во најдобар ред, без никакви инциденти.

Во оваа фестивалска вечер, гости на градоначалникот Илија Јованоски беа градоначалници oд поширокиот регион и амбасадорот на Република Словенија, професор д-р Милан Јазбец.