Крводарителска акција во просториите на Општина Прилеп и признанија за најхуманите прилепчани

Под слоганот „Дарувај крв, спаси живот“, во просториите на Општина Прилеп беше организирана крводарителска акција во соработка со Општинската организација на Црвениот крст – Прилеп и Институтот за трансфузиона медицина.
Крв даруваа над шеесетина граѓани од општина Прилеп кои се приклучија на оваа хумана акција. Акцијата имаше за цел да ја подигне свеста кај населението за крводарувањето и за важноста од дарувањето крв.
„Крвта е најдрагоцената течност која не може да се купи, туку може само да се дарува. Овие крводарителски акции имаат за цел да ја подигнат свеста кај граѓаните за значењето на крводарувањето, затоа што тоа е еден од најхуманите гестови со кои, без многу зборови, може да се покаже вистинската вредност на солидарноста и можноста да се спаси нечиј живот. Секој доброволен дарител е херој кој спасува животи, а нашата заедница уште еднаш ја докажува својата солидарност и човечност. Ги охрабрувам сите граѓани кои имаат можност да даруваат крв и да ја негуваат хуманоста како највисока вредност“, истакна градоначалникот Проданоски.
Во рамки на настанот, градоначалникот Дејан Проданоски заедно со претставниците на Црвениот крст – Прилеп им доделија признанија и благодарници на 74 повеќекратни крводарители од Општина Прилеп кои дарувале крв повеќе од 10, 25 и 50 пати, како и на Живко Ангелски, кој се истакна како најхуман прилепчанец со дури 100 дарувања на крв.
Градоначалникот им се заблагодари на крводарителите од Прилеп за нивната хуманост, солидарност и несебичност при дарувањето на најскапата течност, додека крводарителите упатија апел до младите да бидат хумани, да станат крводарители и несебично да помагаат во спасување на човечки животи.
Годишно, во Општина Прилеп, во организација на Црвениот крст на Република Македонија и Одделението за трансфузиологија при Општата болница „Борка Талески“ – Прилеп, се организираат над 35 крводарителски акции во кои се собираат околу 2600 крвни единици од различни крвни групи. Според минатогодишниот оперативен план на Црвениот крст – Прилеп, наместо предвидените 2736 крвни единици, собрани се 2994 крвни единици.
Со ваквата нагорна линија во крводарителството, Општина Прилеп уште еднаш ја потврдува хуманоста и високата јавна свест на граѓаните за значењето на крводарувањето.