Јованоски: Регистрирани се 9 нови случаи на граѓани на општина Прилеп инфицирани со коронавирус

Бројот на лица инфицирани со коронавирусот во општина Прилеп се искачи на
33, откако денеска беа потврдени 9 нови случаи. Во самоизолација се наоѓаат
134 граѓани. Во Инфективното одделение се наоѓаат 3 лица, а едно лице е во
изолација и се чека развојот на неговата клиничка слика. Позитивни на
коронавирусот се и две лица од Крушево.

Таква е моменталната состојба на територијата на општина Прилеп со
коронавирусот, која денеска ја соопшти градоначалникот Илија Јованоски,
после одржаниот состанок на Општинскиот штаб за управување со кризи.

„Земени се 20 нови брисови од граѓани, чиј исход го очекуваме во наредните
денови. Гледајќи го развојот на ситуацијата, можно е во следните денови да
има нови заразени граѓани со коронавирусот, па од тие причини апелирам до
граѓаните на општина Прилеп да ги намалат социјалните дружења. Не значи
дека само полицискиот час и неодењето на работа или во кафулиња ќе го
спречи ширењето на коронавирусот, туку и дружењето во домашни услови исто
така ја зголемува можноста за нови заразени лица. Истовремено упатувам
апел и до матичните лекари и стоматолози да бидат достапни за своите
пациенти, тоа е нивна обврска, бидејќи на тој начин сомнителните случаи ќе
бидат порано детектирани“, изјави градоначалникот Јованоски.

Јованоски напомена дека зголемувањето на бројот на инфицирани лица ќе ја
наметне потребата од ангажирање дополнителни медицински екипи од другите
одделенија од прилепската Општа болница, кои ќе бидат ангажирани во
Инфективното одделение.

„Седете дома, да нема социјални дружења, затоа што тоа е единствениот
начин во овој момент да имаме помалку заразени со коронавирусот“, им
порача градоначалникот Јованоски на граѓаните на општина Прилеп.