Јованоски: Охрабрува фактот дека бројот на излекувани од коронавирус секојдневно расте

Почитувани,
Денеска одржавме состанок на Општинскиот кризен штаб, на којшто
дискутиравме за актуелната состојба со вирусот КОВИД-19 во општина
Прилеп, за активностите кои ги преземаме за справување со вирусот, како и за
мерките во претстојниот продолжен викенд.

Деновиве во Општина Прилеп пристигна донација на Министерство за
здравство преку Дирекција за заштита и спасување, која се состои од 32.000
заштитини маски за граѓаните од нашата општина.

Да напоменам дека во изминатиот период на граѓаните им поделивме околу
80.000 бесплатни заштитни маски, во институциите, преку урбаните заедници.
Се додека има потреба, општината ќе дистрибуира бесплатни заштитни маски.
Исто така, во текот на вчерашниот ден во Општината пристигнаа 200 заштитни
одела – скафандери, донација од збратимениот град Дејанг, од кинеската
провинција Си Чуан, како поддршка во справувањето со пандемијата на
КОВИД-19.

Изминатиот викенд извршиме генерална дезинфекција на сите улици и згради
во Прилеп, а викендот што следува ќе извршиме и целосна дезинфекција во
населените места во општината.

Дополнително, се известуваат земјоделците, сите земјоделски работи во текот
на продолжениот викенд да ги извршуваат во периодот од 05 до 14 часот,
односно до почетокот на полицискиот час.

Во склоп на целокупната ситуација со Ковид-19, следниот понеделник, 4 мај, од
09 до 14 часот, во просториите на Општина Прилеп на моја иницијатива ќе
биде организирана крводарителска акција во соработка со Институтот за
трансфузиона медицина од Скопје.

Во таа насока, би сакал да потенцирам дека доброволното дарување на крв е
секогаш добра идеја, дури и во услови на пандемија. Има болни на кои нашата
крв им е неопходна и не можат и не смеат да чекаат да помине пандемијата.

Што се однесува до актуелната состојба со коронавирусот во нашата општина,
ситуацијата е следна:

Денеска има 4 нови случаи на заразени наши сограѓани со коронавирусот, со
што вкупната бројка на инфицирани достигна 147.

За жал, вчера на Клиниката за инфективни болести двајца наши сограѓани ја
изгубија борбата со коронавирусот. Во оваа прилика сакам да изразам
најдлабоко сочувство до семејствата на починатите.

Меѓутоа, она што охрабрува во целата оваа ситуација, е секојдневното
зголемување на бројот на излекувани пациенти од КОВИД-19. Денеска имаме
10 такви случаи, со што вкупниот број на излекувани наши сограѓани изнесува
41.

Во самоизолација се наоѓаат 228 наши сограѓани, а во изминатото деноноќие
се забележани две нарушувања на полицискиот час.

На инфективното одделение во Општата болница „Борка Талески“,
хоспитализирани се 18 пациенти, а 15 од нив се позитивни на КОВИД-19,
тројца се наоѓаат на одделот за изолација, од кои двајца се негативни на
коронавирус, а на еден му е земен брис и се чекаат резултати.

Почитувани ,

Апелирам, во текот на претстојниот продолжен првомајски викенд, да нема
масовно собирање и групирање на граѓаните на затворен и отворен простор,
односно по викендиците и излетничките места во општината. Олабавените
мерки од Владата, да не се злоупотребуваат, а граѓаните да ги искористат за
индивидуални прошетки, затоа што опасноста од коронавирусот се’ уште
постои!

Но, одговорниот пристап на граѓаните и посветеноста на институциите, дадоа
видливи резултати во справувањето со коронавирусот. Во таа насока, да
продолжиме со таквото одговорно и совесно однесување и да го заштитиме
нашето здравје и здравјето на нашите најблиски.

На крајот, сакам да истакнам дека во знак на солидарност и хуманост, ќе
примам минимална плата од 14.500 денари, а останатиот дел ќе го уплатам на
сметката Фондот за бoрба против КОВИД-19.

Благодарам