Јованоски: Нов покрив над главата за четирите семејства кои во пожар ги изгубија своите домови

Во катастрофалниот пожар кој на 5-ти август зафати дел од таканаречените
„социјални“ бараки во прилепската населба Варош, 4 семејства со вкупно 14
членови останаа без покрив над главата.

Градоначалникот Илија Јованоски денеска ги посети бараките и се сретна со
граѓаните чии домови беа целосно опожарени. Јованоски напомена дека веднаш
после настанувањето на огнената стихија, за семејствата беше обезбеден привремен престој во Ученичкиот дом во Прилеп, за да подоцна изнајмат станови за кои киријата ќе ја плаќа Општина Прилеп.

„Со четирите семејства, од кои две се со 5 членови меѓу кои има 3 малолетни деца, како и со останатите две семејства со по 2 члена, се договоривме да изнајмат станови за кои трошоците одат на сметка на Општина Прилеп, се’ додека има потреба за тоа. Како градоначалник на општина Прилеп, заедно со неколку компании пред се’ од градежниот сектор, се договоривме во периодот додека трае градежната сезона, на четирите семејства да им се изградат домовите, кои овој пат ќе бидат од тврда градба. Верувам дека изградбата ќе заврши пред почетокот на зимскиот период, после што сите 4 семејства ќе можат да се вселат во нив“, изјави Јованоски.

Истовремено, градоначалникот Јованоски упати апел до компаниите, во рамки на
нивните можности, да се вклучат во акцијата и да им помогнат на семејствата кои
во пожарот ги изгубија своите домови.