Јанески: Полнењето на вештачкото езеро нема да биде на товар на „Водовод и канализација“, ВМРО-ДПМНЕ ги манипулира граѓаните

Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и канализација“, најостро ја демантираше изјавата на Ирена Стерјоска-Локвенец од ОК на ВМРО-ДПМНЕ, дека трошоците за полнењето на вештачката акумулација „Прилеп“, ќе паднат на товар на ова јавно претпријатие, односно на џебот на граѓаните на општина Прилеп.

Таквите лаги и манипулации на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Јанески,
имаат за цел добивање ситнополитички поени во пресрет на вториот круг од
претседателските избори.

„Сакам јасно и недвосмислено да укажам, дека Владата на Република Северна Македонија донесе одлука со која вишокот на вода од ЈП „Студенчица“ треба да се насочи во вештачкото езеро, без никаков надомест. Тоа значи дека таа вода нема да ја плати ниту ЈКП ‘Водовод и канализација’, ниту пак граѓаните на општина Прилеп. Истовремено сакам да прашам, дали Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е против обезбедување на потребните количини на вода за наводнување и со тоа да се оштетат земјоделците од градот? Локалната власт сака да обезбеди доволно количини на вода и, овој период кога таа е неопходна за наводнување на расадите и на земјоделските површини, особено на оние засадени со тутун, да се акумулира доволно вода во вештачкото езеро“, истакна директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески.

Јанески енергично ја демантираше и дезинформацијата пласирана од страна на
Ирена Стерјоска-Локвенец и ОК на ВМРО-ДПМНЕ, за наводното зголемување на
цената на водата за пиење за 60 отсто.

„По не знам кој пат ќе повторам дека цената на водата воопшто не е зголемена.
Вистината е дека од месец март беше воведена нова тарифа за пречистување на
урбаните отпадни води. И повторно ќе потсетам дека пречистителната станица во
Прилеп почна да се гради согласно четирипартитниот договор, кој што во 2008
година го потпиша поранешниот градоначалник Марјан Ристески“, потенцираше
Јанески.