Изложба на уметнички фотографии од ФКК „Прилеп“ во центарот за култура

Изложбата на уметнички фотографии „Јордан Зазоски-Зазо“, што традиционално по шести пат ја организира фото кино клубот „Прилеп“, вечерва е отворена во галеријата на центарот за култура „Марко Цепенков“.

„Изложбата ја сочинуваат 61 фотографија од 51 автор. Овие дела покажуваат во кој правец одат заложбите на клубот во полето на уметничката фотографија во нашиот град и колкав е напредокот во изминатата година“, вели Сашко Попоски,претседател на ФКК „Прилеп“.

Според него,годинава има многу нови членови во оваа асоцијација,кои што се впрочем движечка сила на клубот. Пред бројни работилници и активности во клубот се стекнуваат нови знаења за создавање уметничка фотографија,така што се градат препознатливи автори.

„Сакам пред се да кажам дека оваа 2019 година е за нашиот клуб и јубилејна, односно во 1984 година од тогашните клубови „Едервајс“ и „Златоврв“ е созадан Фото кино клубот „Прилеп“ и оваа година клубот постои точно 35 години. Затоа ќе го искористам моментот да поздрвам дел од нашите поранешни членови и преседатели на клуб, како Кирил Ристески, Борче Тројачанец, Живко Силјаноски, Слободан Белицанец, Димитар Ристески со кого пред 7-8 години ја започнавме оваа иницијатива да го реинкарнираме клубот. Се заблагодарувам за досегашната успешна соработка и поддршка на Општина Прилеп и Советот на Општина Прилеп“, рече Попоски, при отворањето на оваа шеста по ред клупска изложба на уметнички фотографии.