Исчистено ѓубрето од напуштениот објект во непосредна близина на прилепскиот Дневен центар за лица со церебрална парализа

Со механизација и зголемен број на работници, денеска ЈКП „Комуналец“ ги исчисти огромните количини ѓубре кои несовесните граѓани го фрлале во напуштениот објект, кој се наоѓа непосредно до Дневниот центар за лица со церебрална парализа во Прилеп.

Стар мебел, картони, најлон, пластични предмети од домаќинство, пет амбалажа, отпад од косена трева и градинарски растенија, гуми, масла и лепила,  градежен шут…сето тоа со години било фрлано во објектот, од каде се ширеше неподнослива реа. Со чистењето на ѓубрето, отстранета е потенцијалната опасност од ширење заразни болести, а ситуацијата беше уште посериозна ако се знае дека во неспоредна близина, покрај Дневниот центар, се наоѓа и средното општинско училиште „Кузман Јосифоски-Питу“, како и голем број на семејни куќи.

Жителите од околните куќи не сакаат јавно да говорат и да ги именуваат виновниците кои придонесле за срамната глетка во овој дел од градот, кој спаѓа во централното градско подрачје, но велат дека отпадот во руинираниот и напуштен објект се носи од околните куќи, дуќани и работилници.

Од ЈКП „Комуналец“ апелираат до граѓаните за поголема грижа во одржувањето на чиста и здрава животна средина, како и подобра соработка со јавното комунално претпријатие кое на граѓаните им стои на располагање за нивните потреби.