Инфо сесија за добивање грантови од Владата на Република Македонија

Општина Прилеп и Фондот за иновации и технолошки развој, организираа инфо сесија за отворениот јавен повик за поднесување на предлог проекти во рамките на столб 3 од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија. Јавниот повик за финансиска поддршка на проекти, предвидува четири инструменти на поддршка и негова цел е да се финансираат иновативни проекти, како и проекти кои што подразбираат технолошки напредок.


Градоначалникот Илија Јованоски, рече дека суштината на денешната инфо средба, е како правилно да се аплицира за добивање средствата за кофинансирање на проекти за развој на малите и средни претпријатија. Во исто време, како што тој напомена, ова е еден од индиректните начини да се спречи заминувањето на младите од државата.

„Правилна апликација на секој стопански субјект, е главниот услов за добивање на 30-70% од вредноста на проектот, кој ќе биде аплициран на објавениот јавен повик од страна на Владата на Република Македонија. Нашата обврска како Oпштина е да направиме амбиент и услови за работа, да ја поттикнеме администрацијата да биде од интерес на овие правни субјекти. Ова е еден од начините да ги задржиме младите да останат во Прилеп и во Република Македонија“, изјави градоначалникот Јованоски.
Ирена Георгиевска од Фондот за иновации и технолошки развој, истакна дека со јавниот повик се финансираат иновативни проекти, но и проекти кои што
подразбираат технолошки напредок. „Предвидени се 4 инструменти на поддршка. Првиот инструмент е наменет за мали и средни претпријатија, кои имаат тенденција на брз пораст, или таканаречени ‘газели’. Вториот инструмент е наменет за микро претпријатија, третиот е наменет за сите претпријатија, вклучувајќи ги и големите и тука поддршката е исклучиво за иновативни проекти. Четвртиот инструмент е наменет за стручно усовршување и пракса на млади лица. Процентот на кофинансирање
од страна на Фондот зависи од самиот инструмент. За третиот инструмент
максимумот е до 70%, а за останатите до 30 отсто“, потенцираше Георгиевска.

Прилепските малостопанственици покажаа голем интерес за денешната инфо средба, на која активно се вклучија со свои предлози и прашања.
Јавниот повик за поднесување предлог проекти во рамки на столб 3 од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија, беше отворен на 28 април и ќе трае до 11 јуни. Досега до Фондот за иновации и технолошки развој се поднесени преку 250 барања за подигање обрасци за аплицирање. Право да аплицираат имаат сите микро, мали и средни претпријатија од Република Македонија, а бројот на компании што сакаат да се пријават на јавниот повик, не е ограничен.