Градоначалникот во студиска посета на Република Австрија за примената на добри практики на социјални услуги на локално ниво

Во периодот од 23ти до 26ти Jануари градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, со свои колеги градоначалници од Пелагонискиот регион, преставници од Министерството за труд и социјална политика и невладиниот сектор, беа во посета на повеќе градови во Република Австријa, во рамките на транснационалниот проект за Подобрување на пристапот до социјални услуги преку дигитализација и вмрежување спроведуван од 3 австриски регионални ЛЕАДЕР организации: Regionalmanagement regio (Pillerseetal-Leukental-Leogang aus Tirol) , Leader Region FUMO (Fuschlseeregion Mondseeland), Zeitkultur Oststeirisches Kernland и Мрежата на ЛАГОВИ од нашата држава.
Со цел примена на социјалните услуги на локално ниво во Виена беше посетена Виен Ворк – едно од најголемите интегративни и социјални претпријатија во Австрија, кое веќе триесет години континуирано делува за инклузија на лицата со попреченост преку обезбедување на обука и работа за лицата со попреченост.
Во општина Талгау, беше остварена средба со претставници на “Thalgau Mobil” каде заменик-градоначалничката Lisa Maria Frenkenberger ја претстави социјалната услуга за мобилност на старите лица во руралните области.
Во Салцбург, здружението Lebenshilfe Salzburg ја презентираше услугата персонална асистенција и беше посетен дневниот центар за лица со попреченост. Дополнително, беше посетен центарот Haus Elisabeth кој претставува дневен и социјален центар за советување за лица кои живеат во сиромаштија, а воедно обезбедува домување за жени-бездомници. Воедно беше остварена и средба со – Амбасадорот на Република Македонија во Виена, Освит Росоклија и Финка Серафимова – претставник на амбасадата, на која се разменија идеи и можности за зајакнување на билатералната соработка преку социјално и економско зајакнување на општините и градење на социо-економски одржливи заедници.
Инаку, Република Австрија е една од водечките земји во Европа во областа на социјалната заштита и социјалните услуги. Искуството и добрите практики од Република Австрија ќе бидат добра можност за создавање на ефективен и ефикасен социјален модел на социјална заштита и локални социјални услуги во Општина Прилеп и можност за градењето на социо-економски одржливи заедници.