Градоначалникот Јованоски побара да ги чуе идеите на архитектите за поубав Прилеп

Градоначалникот Илија Јованоски денеска оствари средба со дваесетина архитекти од Прилеп. Целта на средбата, која беше реализирана на иницијатива на прилепскиот градоначалник, беше да се слушнат идеите на стручната фела за урбанистичко средување и поубав изглед на градот.

Прилепските архитекти го искажаа задоволството од иницијативата за една ваква средба и нивното вклучување во утврдување на приоритетите за урбанистички развој на градот. Она што секој од нив го истакна, беше потребата од целосно средување на инфраструктурата во градот, почнувајќи од комплетната реконструкција на улиците, ослободување на тротоарите за непречено и безбедно движење на пешаците, изградба на нови мостови како и имплементација на конкретни мерки за намалување на фреквенцијата на сообраќајот во централното градско подрачје.

Како долгорочни проекти за кои треба да се размислува, беа предложени проекти за изградба на подземна сообраќајница, уредување на просторот околу вештачкото езеро, изработка на проектна документација за уредување на Маркови Кули, а меѓу приоритетните проблеми кои бараат брзо решавање беа истакнати уредување на индустриската улица „Трајко Николоски“, со цел да се ослободи центарот на градот од движење на товарните возила. Покрај инфраструктурното уредување на градот, прилепските архитекти ја акцентираа потребата од просторно и урбанистичко уредување на населените места.

Посочија на потребата од измени и дополнувања на Генералниот урбанистички план, како и усогласување и доработка на деталните урбанистички планови, за што е потребно и организирање на стручна дебата. Според нив Општината треба да обрне поголемо внимание на узурпирањето на јавните површини и пешачките патеки од страна на сопствениците на угостителските објекти, но и регулирање на влезот на возила за дотур на стока во дуќаните во Старата прилепска чаршија.

 

На денешната средба, беше потенцирана потребата од измена на Законот за градење и Законот за урбанистичко и просторно планирање. За таа цел, архитектите го посочија ЗЕЛС, како институција која на Владата би ѝ ја посочила неопходноста од измена на постоечката законска регулатива.

Градоначалникот Јованоски како што рече, посочените проблеми, како и понудените предлози и решенија за нивно надминување, во целост ја оправдуваат неговата иницијатива за денешната средба. Тој истакна дека Општина Прилеп големо внимание посветува на средување на урбанистичкиот хаос во градот.

„Моите заложби како градоначалник на Прилеп, како и заложбите на општинската администрација се нашиот град да добие вистински лик на урбана средина. Од тие причини, во соработка со општинскиот Совет, ќе ставиме ред во поставувањето на масите, столиците и другата урбана опрема на јавните површини. Тоа ќе го направие согласно со законската регулатива. При тоа никој нема да биде изземен или привилегиран. Во рамките на општинскиот буџет, во тековната 2018 г. ќе работиме на проекти што се од приоритетно значење за граѓаните на Прилеп, како што се уредување на речното корито од мостот кај населбата „Димо Наредникот“ до мостот кај „Сточен пазар“, уредување на каналот во населбата „Три багреми“. Овие се само дел од планираните активности, изјави Јованоски.

Средбата на градоначалникот со прилепските архитекти заврши со најава за нова скорешна средба, на која ќе се разговара за конкретни теми и проекти.