Градоначалникот Јованоски на средба со жителите од урбаните заедници „Гоце Делчев“ и „Центар“

Градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски, синоќа одржаа средби со граѓаните од урбаните заедници „Гоце Делчев“ и „Центар“.

На средбите на кои присуствуваа и директорите на јавните претпријатија „Водовод и канализација“, „Комуналец“ и „Прилепско поле“, градоначалникот и претседателот на Совет на општина Прилеп со граѓаните разговараа за реализираните проекти, но и за проблемите и потребите на жителите од двете урбани заедници, кои се приоритетни за решавање во тековната 2020 година.

Градоначалникот Јованоски напомена дека минатата година беа реконструирани и асфалтирани поголем број улици во урбаната заедница „Гоце Делчев“, меѓу кои и „Фрушка Гора“, „Славеј планина“, „Петта Прилепска“, краци од „Истарска“, а беше асфалтиран и паркингот пред Центарот за јавно здравје. Годинава асфалтирањето ќе продолжи со уште позасилено темпо – нов асфалт ќе добијат улиците „Октомвриска“ и „Боца Иваноска“, а жителите од улица „Пчиња“ ќе добијат и нова водоводна линија.

На барање на граѓаните од оваа урбана заедница, како што најави градоначалникот Јованоски, ќе бидат реновирани просториите на домот „Солидност“.

Покрај прашањата поврзани со комуналните проблеми, жителите од урбаната заедница „Центар“ најмногу се интересираа за најавената реконструкција на булеварот „Гоце Делчев“.

„Деновиве започнува реконструкцијата на булеварот ‘Гоце Делчев’. Со задоволство можам да кажам дека Прилеп ќе добие модерен и безбеден булевар, со тактилна трака за слепи лица, хоризонтална сигнализација, пешачка зона и нов тротоар со бекатон плочки“, истакна градоначалникот Јованоски.

Покрај тоа, градоначалникот ја најави реконструкцијата на Старата чаршија, односно нејзино целосно поплочување, замена на атмосферската и фекална канализација, поставување на безбедносни камери и отстранување на контејнерите.

Прилеп ќе добие и и нова монтажна гаража која ќе биде поставена зад поштата и која ќе претставува замена за досегашниот паркинг простор на тротоарите од булеварот „Гоце Делчев“.

На синоќешните средби,градоначалникот Јованоски и претседателот на општинскиот Совет Талевски, ги најавија субвенциите кои ќе се доделуваат од општинскиот буџет во висина од 6 милиони денари, кои во функција на заштита на животната средина ќе бидат наменети за набавка на инвертори и велосипеди.