Градоначалникот Јованоски на актерите им вети нова театарска куќа по современи стандарди

Градоначаникот, Илија Јованоски денеска во просториите на Општина Прилеп оствари конструктивна средба со актерите од театарот „Војдан Чернодрински. Оваа средба е потврда на заложбите за поддршка на театарската уметност, ансамблот на театарот и напорите за изградба на нова театарска куќа.

„Денеска за прв пат, на моја иницијатива се сретнав со уметниците, претставниците на театарската уметност од нашиот град. Нивната работа е на многу високо ниво и жал ми е што досега немаа можност да творат во нова театарска куќа. Јас тоа им го ветив и сигурен сум дека ќе го остварам, новиот театар ќе биде изграден до крајот на мојот мандат“, рече градоначалникот Јованоски.

Раководителот на театарот, Стојан Дамчески рече дека го радува фактот што само по неколку дена, откако градоначалникот Јованоски стапи на функција, веднаш размислува за изградба на нов театар.

„Ние имаме една и единствена желба, да имаме добри услови за работа и да имаме нов објект на театарот. Она што можевме ние да го направиме е да го екипираме ансамблот и во моментот го имаме еден од најдобрите во државата. Се договоривме и да формираме иницијативен одбор, кој што ке ја води целата работа и во 2018 година се надеваме на идејно решение за новиот театар како и за локацијата каде ќе се гради“, рече Стојан Дамчески, раководител на театарот „Војдан Чернодрински“.

Актерите го запознаа градоначалникот Јованоски и со многу други содржини поврзани со нивниот начин на работа, како и со професионалните предизвици и новитети на кои работат во моментот.