Градоначалникот Јованоски и спелеолозите од прилепскиот клуб „Златоврв“, дискутираа за формирање на спасителна служба

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски денеска беше домаќин на спелеолозите од прилепскиот клуб „Златоврв“, со кои разговараше за идејата за формирање на спасителна служба. Од спелеолошкиот клуб „Златоврв“  посочија дека во нашиот град има голем потенцијал за развивање на планинарењето, спелеологијата и планинските спортови воопшто, шо само по себе ја наметнува и потребата од постоење на стручен тим за спасување. Оттука, проилегува и идејата да се отпочне формирањето на спасителна служба, тука во Прилеп.

Спелеолозите, викендов изведоа вежба за спасување на деца од пожар од седми кат на највисоката зграда во градот – 13-катница. Шеснаесет обучени спелеолози, поделени во четири тима, се спуштија од покривот на зградата до седмиот кат, каде што според замислено сценарио, две деца беа „заробени“ во стан зафатен од пожар, при што извршија практична вежба за извлекување на децата преку надворешните прозорци од објектот.

Градоначалникот Илија Јованоски посочи дека е горд со екипата која ја изведе показната вежба за евакуација на лица од зграда која е зафатена од пожар. Дополнувајќи дека токму таквите стручни екипи се повеќе од неопходни. Ова треба да биде поттик за помладите генерации, а ние како Општина ќе помогнеме да се зголеми бројот на обучени тимови  за спасување, посочи Јованоски.

Прилепскиот клуб „Златоврв“  во моментот работи на откривање и истражување на пештери.