Градоначалникот Јованоски и амбасадорот Бејли им порачаа на младите да излезат на референдум

Актуелните состојби во Општина Прилеп, работата на локалната самоуправа, граѓанскиот сектор, но и економската состојба во градот, беа дел од темите за кои денеска разговараа амбасадорот на САД, Џес Бејли и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, којшто високиот гостин го прими во својот кабинет.

Градоначалникот Јованоски, по средбата во изјава за медиумите го изрази своето огромно задоволство од посетата на амбасадорот Бејли. Тој ја потенцираше поддршката на САД, за Македонија, на нејзиниот пат кон евроатланските асоцијации. Како што рече, со амбасадорот имаат заеднички став дека овој е историски момент, и дека треба да се направи вистински исчекор. Според градоначалникот членството на Македонија во ЕУ и НАТО е единствената добра опција за нашата држава, нашиот град, за нашите граѓани.

„Одговорноста е кај нас. Ние треба да донесеме одлука, да излеземе на гласање, за да ја изградиме нашата иднина, и иднината на нашите генерации. Нема да дозволиме младата генерација и натаму да се иселува од нашите граници, да ја направиме Европа во нашата држава, да направиме амбиент и услови,зашто тоа е единствен услов за развој на нашето општество. Убеден сум дека најголем број граѓани ќе излезат и ќе гласаат за иднината на државата“, порача градоначалникот Јованоски.

Амбасадорот Џес Бејли се заблагодари на приемот и како што рече за прв пат е во посета на Општина Прилеп, иако во својот досегашен мандат, неколку пати бил во посета и на одделни локации во општината.

„Остварив средба со група млади луѓе,во духот на историскиот момент и иднината на Македонија, престојниот референдум, преспанскиот договор, НАТО и ЕУ интеграцијата, мојата порака до нив беше дека, САД се партнер на Македонија веќе 25 години, и ние секако сакаме Македонија да се придружи на НАТО и ЕУ, и ние мислиме дека преспанскиот договор, иако е тежок, претставува фер компромис, кој го отвара патот кон таа светла иднина“, рече амбасадорот Бејли.

Според амбасадорот Бејли најбитно е да се излезе на референдумот и да се гласа, секој да го искаже своето мислење, во духот на демократијата.
Во рамките на својот престој во Прилеп, тој оствари средба и со Регионалната канцеларија на Стопанската комора во Прилеп. При тоа разговараше со претставниците на репрезентите на прилепското стопанство: Витаминка, Прилепска Пиварница, Мермерен Комбинат, Тутунски Комбинат, исто така Микросам, конфекцијата Кули и приватното

претпријатие „Кривогаштани промет“. Бизнисмените ги презентираа своите проблеми и
ставови околу евроатланската интеграција на Македонија.