Градоначалникот Јованоски ги прими професорите од шесте држави, учесници во проектот „Финансиски и претприемачки вештини за активно граѓанство“

Учесниците во проектот „Финансиски и претприемачки вештини за активно
граѓанство“, кој што е дел од програмата на Еразмус +, финансиран од ЕУ и
Европската комисија преку Националната Агенција за европски образовни
програми и мобилност, денеска ја посетија Општина Прилеп и остварија
средба со градоначалникот Илија Јованоски.

Станува збор за професори од Унгарија, Литванија, Шпанија, Италија, Хрватска
и Македонија, чиј домаќин е СОЕПТУ „Кузман Јосифоски – Питу“.

Посакувајќи им добредојде и пријатен престој во Прилеп, градоначалникот
Илија Јованоски ги информираше гостите за можностите кои им ги нуди градот
под Марковите кули, со цел да се запознаат со неговото културно-историско и
природно наследство. Истовремено, градоначалникот потенцираше дека
Општина Прилеп е дел од проект на Еразмус + програмата.

„Во месец ноември ќе потпишеме четирипартитен договор од програмата
Еразмус + и тоа помеѓу: Општина Прилеп, Архитектонскиот факултет од
Американ Колеџ. Институтот за архитектура од Виена и Институтот за
архитектура од Рим, Италија. Потпишаниот договор ќе значи давање планска
документација, урбанистичко решение и планирање на град Прилеп за
наредните 50 години. Тоа е една студија, програма која ќе се направи за
наредните генерации, бе разлика кој ќе биде градоначалник и која политичка
провиниенција ќе биде на власт, да има основа за урбанистичкото решение за
нашиот град“, посочи градоначалникот Јованоски.

„Нашиот училишен центар ‘Кузман Јосифоски – Питу’ ќе биде домаќин на
гостите кои ни доаѓаат од шест држави, вклучувајќи ја и Македонија. Гостите
доаѓаат од партнерски училишта преку проект добиен од програмата на
Ерасмус +, а во кој се вклучени шест држави: Македонија, Италија, Унгарија,
Шпанија, Литванија и Хрватска. Нашиот училишен центар покрај овој проект
има добиено и нови четири проекти, од кои два се координатори добиени од
нашата национална агенција и два се партнерски проекти. Односно, ние сме
партнери во проектите добиени преку други национални агенции од Полска и
од Австрија“, посочи директорката на СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“, Билјана
Марковска.

Целта на проектот е учениците да го согледаат светот на парите, економијата и
финансиите, поттик за претприемништво и развивање на претприемачкиот дух,
да ги развијат своите знаења, ставови, вештини и способности за работа со
пари, финансии, буџет и буџетирање.