Градежната офанзива во Прилеп продолжува со асфалтирање и тампонирање на многу сообраќајници

Во тек се градежните активности за целосно уредување на улицата „Кеј 9-ти септември“ во населбата Бончејца, со вкупна површина од 3000 метри квадратни. Градоначалникот Илија Јованоски и директорката на ЈП ПУП, Марија Цветаноска денеска извршија увид врз финалните активности за уредување на оваа сообраќајница во градот.

„Во тек се активностите за асфалтирање на оваа улица. А, во текот на оваа и следната недела ќе биде асфалтирана главната сообраќајна артерија на Прилеп,улицата ‘Александар Македонски“, истакна градоначалникот Јованоски.

Паралелно се тампонираат периферните улици од градот, потоа пристапните патишта до нивите во голем број населени места во општината.

„Она што им го ветивме на граѓаните дека ќе ги тампонираме сите пристапни патишта до нивните ниви, тоа го остваривме. Според планот за годинава ги тампониравме сите улици. Во тек е тендерот за рехабилитација т.е. асфалтирање уште за 10-ина други улици. Така што до крајот  на годинава ќе биде реализирано, сè она што имавме планирано“, акцентираше градоначалникот Јованоски.

Пред два дена заврши асфалтирањето на улица „Кеј Први Мај“ со вкупна површина од околу 1500 м2, додека неделава ќе биде асфалтирана и улицата „Бранко Секулоски“ во должина од 800 метри.

Што се однесува до наводите на денешната прес конференција на ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Прилеп, поврзани со активностите на Општина Прилеп во населбата „Три багреми“, според градоначалникот Јованоски тоа се само обиди на оваа партија да собира дневно-политички поени.

„Тие 12 години, не направија ниту еден детален урбанистички план во градот, а сега сакаат деталните планови да бидат готови за неколку месеци. Општина Прилеп ќе ги направи сите ДУП-ови што се предвидени за оваа година, за она што треба да го реализираме, за капиталните проекти што ни се ветени. И сите ДУП-ови во градот ќе бидат направени. Ние им го ветивме тоа на граѓаните и ќе биде направено, во мојот  мандат од 4 години. Ама некој да зборува за ДУП, а 12 години да не направи ниту еден, нема право тоа да го зборува. И мислам дека и она што го ветивме за ‘Три багреми’ и за сите останати населби за граѓаните, ќе биде направено, што се однесува и на инфраструктурата и на капиталните проекти“, порача градоначалникот Јованоски.