„Еко-мисија – твојот потпис за природата“ 2026

0

Повеќе од 30 локации, голем број волонтери, општествено одговорни компании и граѓани, многу собран отпад и 1500 засадени садници, Прилеп покажа дека грижата за животната средина е заедничка одговорност!

Зад нас е работен викенд исполнет со активности, посветеност и заеднички ангажман за почист, позелен и поубав Прилеп.
Во рамките на големата еко-акција учествуваа над 650 луѓе од 34 институции, од образовниот сектор, бизнис заедницата, граѓанските здруженија и доброволци кои се грижат за животната средина. Со рачно чистење на повеќе од 30 локации низ градот и околината беа собрани 53 м3 отпад.
Посебно радува масовната вклученост на учениците од основните и средните училишта, наставниците, јавните претпријатија, институциите, волонтерите, општествено одговорните компании и големиот број наши сограѓани кои одвоија време и се приклучија на акцијата. И покрај неповолните временски услови, заедничката цел беше посилна од дождот.
Паралелно со оваа еко акција, во соработка со иницијативата „Мој Прилеп“, извидничкиот одред „Феникс“ и ЈКП „Комуналец“, засадивме 1.000 багреми, како уште еден значаен чекор кон поздрава и позелена животна средина во близина на манастирот „Свети Димитриј“ Селце.

Се чистеа и двете најголеми диви депонии позади касарната и кај Дата центарот со градежни машини и транспортни возила. Во акцијата беа користени 6 транспортни возила, 3 градежни машини и 7 трактори.
До депонијата во Алинци се транспортирани 400 м3 градежен отпад и мешан комунален отпад.
Благодарност до ЈКП „Комуналец“, сите јавни претпријатија, образовни институции, училиштата, здруженијата, компаниите и секој поединец кој даде свој придонес. Особена благодарност до општествено одговорните компании Гентерм, ВИК, Прилепска Пиварница, Витаминка, Тутунски Комбинат, Мермерен Комбинат, Изофас, Фимар Балкан и Белмар, за поддршката и помошта во реализацијата на активностите.
Викендот го заокруживме со уште една акција за пошумување на локација под манастирот „Св. Димитриј“ во с. Селце, каде што беа засадени околу 500 садници. Акцијата ја реализираа Здружението „Сина револуција“, со поддршка на „Бехтел ЕНКА“ и во соработка со Општина Прилеп.
Овој викенд уште еднаш покажа дека кога граѓаните, институциите, образованието и бизнис-секторот дејствуваат заедно, резултатите се видливи. Но, грижата за животната средина не завршува со една акција, ниту чистотата и зеленилото се обврска само на институциите.
Прилеп е нашиот заеднички дом. Да го чуваме чист, да го правиме позелен и да оставиме подобра средина за генерациите што доаѓаат.
Заедно за почист, поздрав и позелен Прилеп!