ДОДЕЛЕНИ 3-ТО НОЕМВРИСКИТЕ НАГРАДИ НА ЗАСЛУЖНИ ГРАЃАНИ НА ГРАД ПРИЛЕП

Синоќа по повод 3-ти Ноември, Денот на конечното ослободување на Прилеп, на Свеченета седница на Советот на Општина Прилеп, во општинската сала, претседателот на Совет Дејан Проданоски пред советниците на Општина Прилеп, градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, пратениците, претходни градоначалници на Прилеп, претставници на граѓански здруженија, граѓани, гости и медиуми ја започна седницата на која што беа доделни најпрестижните награди на град Прилеп, 3-то Ноемвриските награди, на заслужни граѓани и граѓански здруженија кои дале свој придонес во афирмација и развој на Општината.

Награда за животно дело ЗЛАТНА ПЛАКЕТА „3-ти НОЕМВРИ” годинава беше доделена на ликовниот уметник Кирил Гегоски, за животни достигнувања и афирмација на уметноста. Заблагодарувајќи се искрено за укажаната чест, Гегоски повеќе пати потенцираше дека оваа признание му е најдраго од сите награди што ги добил, бидејќи го добил токму од градот во кој со децении работи и твори.
Советот на Општина Прилеп годинава додели и 6 плакети на здруженија на граѓани кои дале свој придонес во афирмацијата и промоцијата на Прилеп и 7 дипломи на граѓани кои со своето работење придонесле за развој и афирмација на општината.
Награди – плакети, по повод 3-ти Ноември им беа доделни на: Здружението за модерни танци, Њу Џенерејшн за постигнати резултати во областа на танцот, на клуб за боречки спортови и рекреација „7-ми Мај“, за достигнувања во областа на спортот, на Шаховски клуб Прилеп за постигнати успеси во шахот и афирмација на Прилеп, на компанија ГрабИТ ДООЕЛ за особен придонес во развојот на ИТ технологијата и локалното стопанство, на спортско туристичка манифестација TUNING CAR SHOW за придонес во алтернативниот туризам и афирмација на Прилеп и на Фото Кино Клуб Прилеп за постигнати резултати во воспитувањето на млади таленти во областа на фотографијата и филмот.
Награди – дипломи, по повод 3-ти Ноември им беа доделени на: Сузана Спиркоска, одделенски наставник за особен придонес во реализацијата на образовниот процес, на Весна Шереметкоска автор, за особен придонес во развојот на литературното творештво, на Душко Темелкоски – археолог и кустос, за особени постигнувања во областа на археологијата, на Вања Ѓорѓиоски ученик и на наставникот Фросина Ацевска, за освоено Прво место на Светското финале на Меѓународенот натпревар по англиски јазик – Хипо, на Рубинчо Седлоски и Горан Ангелески, ракометни судии за особени достигнувања и афирмација на спортот, на Менче Настоска Кадинец, доктор од областа на медицината, за особен придонес и унапредување на квалитетот на здравството во Прилеп и на Мирослав Димитриески, доктор по земјоделски науки за особен придонес во стручно-научната истражувачка работа.
Упатувајќи искрени честки до наградените, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески при оваа прилика истакна: „Kако градоначалник на општина Прилеп сакам да порачам и да упатам апел, сите заедно да го градиме и развиваме нашиот град за подобра иднина на сите. Сплотени да се избориме за поголем локален економски развој, подобра инфраструктура, квалитетно образование за нашите наследници и напредок во сите други области: здравство, култура, спорт, земјоделие… Пред нас се појавија и ќе се појават безброј проблеми. Но, сигурен сум дека заедно, драги мои прилепчани, преку взаемна соработка, почит, поддршка и многу работа, ќе постигнеме многу нови успеси за нашите семејства и за нашиот Прилеп.„ – рече Јовчески, на Свечената Седница на Советот на Општина Прилеп, по повод 3-ти Ноември, Денот на конечното ослободување на Прилеп.