Џудо клубот „Сеишин“ од Прилеп со сребрен медал на Балканското првенство

Екипата на џудо клубот  „Сеишин“ од  Прилеп го освои второто  место, се закити со сребрен медал на годинешното Балканско првенство за сениори и сениорки, што на почеток на месецов се одржа во Кавадарци.

„Натпреварите се одвиваа во два дела: поединечно натпреварување каде Александра Најдоска во категорија од 78 килограми го освои  2-то  место и  Христијан Ѓураков во категорија  до 81 килограми го освои 3-тото место. Нашиот клуб ‘Сеишин’ на нашата земја и го донесе второто место со цела репрезентација во екипно натпреварување. Марио Тошески во категорија од 73   килограми го освои 2-рото место, Христијан Ѓураков во категорија до 81 килограми 2-ро место, Кристијан Тошески во категорија 90 килограми 2-ро место,  Бобан Глигуроски во категорија 90 килограми го освои 2-рото место и Александра Најдоска во категорија 78 килограми го освои 2-рото место. Морам да признаам дека ова е голема награда, којашто ја освоивме за прв пат. Токму поради тоа задоволството е големо и претставува голем стимул за натпреварувачите и за клубот, стимул за нашите понатамошни успеси“, изјави Дејан Мицкоски, тренер на џудо клубот „Сеишин“.

На ова Балканско првенство освен од Македонија се натпреваруваа џудисти од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Грција, Бугарија, Албанија и Косово. Домаќини на годинешниот настан беа Џудо федерацијата на Македонија со техничка поддршка од џудо клубот „Кожувчанка“ од Кавадарци.

По постигнатите успеси на првенството, џудо клубот „Сеишин“ продолжува со редовни тренинзи. Како што вели тренерот Мицкоски, клубот го зголемува бројот на термините за тренинзи, со цел што поуспешно учество на меѓународните турнири. Овој успешен џудо клуб во Прилеп, брои околу 70 членови, на возраст од четири до седумдесет години.