Четвртата фестивалска вечер во ритамот на Милица Тодоровиќ и Шабан Шаулиќ

Помина уште една фестивалска вечер во знакот на добрата музика, вкусната скара и ладното пиво. Посетителите уживаа во богатата музичка програма. Организаторите се задоволни од тоа како помина и третата фестивалска вечер, а особено од фактот што целата фестивалска забава изминува во најдобар ред и мир, а хигиената е на високо ниво.

„Третата фестивалска вечер измина во весела атмосфера, со задоволни граѓани, посетители… Гостите уживаа во интерпретацијата на изведувачите, а кулминацијата е достигната со настапот на Жељко Јоксимовиќ. Ме радува што младите навистина уживаа. Ги пееја сите негови хитови. Навистина сум задоволен од тоа што и оваа трета фестивалска вечер измина во најдобар ред без никакви инциденти и проблеми, а истото го очекувам и вечерва. Фестивалот ќе заврши онака, како што доликува за еден ваков фестивал, во пријатна атмосфера со многу испиено пиво и изедена скара и секако одлична забава“, истакна градоначалникот Јованоски.

Оваа фестивалска вечер, гости на градоначалникот Илија Јованоски и на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески беа претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за здравство, Венко Филипче. Сите уживаа во прекрасната атмосфера заедно со граѓаните на Прилеп.

Вечерва сцената е резервирана за настапите на: Александра Јанева, Либеро Бенд, Милица Тодоровиќ и Шабан Шаулиќ.