Чествувања во чест на 11.Октомври: Македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата

Со положување венци и свежи цвеќиња на спомениците на Методија Андонов –
Ченто, Кузман Јосифоски – Питу и на Могилата на непобедените, Општина Прилеп
продолжи со чествувањата во чест на 11.Октомври, Денот на народното востание.

Исто така, делегации на прилепската локална самоуправа, Советот на Општина
Прилеп, Владата и Собранието на РМ, АРМ, Сојузот на борци, политички партии и
здруженија на граѓани, се поклонија и пред Алејата на Народните херои и
споменикот „Жена борец“ во Паркот на револуцијата.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски рече дека граѓаните на Прилеп ги
почитуваат жртвите на борците од антифашистичката револуција и секогаш со
пиетет се сеќаваат на нив.

„Прилеп е град на непокорот и пркосот и тоа и во иднина така ќе биде. Граѓаните на
Прилеп ја почитуваат Народноослободителната борба и придобивките од неа. Во
оваа прилика на сите граѓани на Република Македонија сакам да им го честитам
11.Октомври, Денот на востанието, нека е честит и вековит празникот“, изјави
градоначалникот Јованоски.

Делегацијата на Владата на Република Македонија ја предводеше вицепремиерот
Кочо Анѓушев, кој истакна дека 11.Октомври претставува светол датум во
македонската историја, симбол на револуционерната борба на македонскиот народ
за своја држава.

„Денеска повторно сме исправени пред слични моменти. Ако во 1941 година,
11.Октомври бил датум на борба против фашизмот, денеска имаме нови
предизвици како македонска држава, а предизвиците се да се биде член на НАТО и
ЕУ, кои нудат стабилност и безбедност за нашиот народ. Сакам уште еднаш да
потенцирам дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на
историјата и секогаш знаел да го препознае просперитетот. Се надевам дека и во
овие судбоносни моменти за нашата држава, ќе го направиме истото и ќе тргнеме
по правиот пат“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Круме Соколоски, претседател на Општинскиот одбор на Сојузот на борци –
Прилеп, истакна дека повозрасните добро се сеќаваат на фашистичката окупација и
на почетокот на народното востание од 1941 година.

„Младите генерации секогаш треба да имаат инспирација за патриотизам и своите
активности да ги насочуваат кон правење добро за нашата држава. Секогаш да
имаат почит кон овие храбри борци кои не жалејќи ја својата младост, ги дадоа
животите за слобода и за независна држава Македонија“, напомена Соколоски.

Чествувањата по повод 11.Октомври, Општина Прилеп ќе ги продолжи и во текот на
следните денови, со одржување на повеќе културни, забавни и спортски
манифестации.