Чествувања по повод патрониот празник на Гимназијата „Мирче Ацев“

Денеска кога се навршуваат 76 години од убиството на народниот херој Мирче
Ацев, како и 84 години од нејзиното основање, прилепската Гимназија „Мирче
Ацев“ го одбележа својот патрон празник.

По тој повод, наставници и ученици од Гимназијата, претставници на локалната
самоуправа и Советот на Општина Прилеп, како и делегации на АРМ и
прилепската организација на Сојузот на борци, го посетија Паркот на
револуцијата, каде положија свежи цвеќиња на Могилата на непобедените и
пред Алејата на народните херои. Свежи цвеќиња беа положени и на бистата
на Мирче Ацев во дворот од Гимназијата.

„Денеска одбележуваме 76 години од загинувањето на нашиот патрон и 84
години од формирањето на Гимназијата, што беше основана со решение на
Президиумот на АСНОМ. Како секоја година така и оваа, ние наставниците и
професорите од Гимназијата „Мирче Ацев“, достоинствено го одбележуваме
денот на нашиот патрон. Токму по тој повод беа организирани повеќе
свечености, кои започнаа минатата недела со поетската вечер. Организиравме
спортски натпревари во кошарка, одбојка и пинг-понг меѓу учениците и
професорите од средните училишта во градот. Денеска положивме свежо
свеќе на Могилата на непобедените, пред Алејата на народните херои и пред
бистата на Мирче Ацев во дворот на нашата Гимназија. Активностите
продолжуваат во 18.00 часот со ликовната изложба во салонот на театарот
“Војдан Чернодрински“, а во 18.30 е Свечената акдемија. Гимназијата остана
да биде најпрепознатлив училишен бренд во средното образование во Прилеп.
Од нејзините клупи се излезени секаков вид стручњаци, кои што ја
претставуваат Македонија и надвор од неа. Имаме наши ученици кои што
студираат на најпрестижните универзитети во светот. Се надеваме дека и
идните генерации ќе тргнат по нивните стапки и дека и понатаму ќе го
задржиме квалитетот. Наша обврска и заложба е тоа да им го овозможиме на
учениците, за да можат да напредуваат во својот живот“, изјави Диме Настески,
директор на гимназијата „Мирче Ацев“.

Денешните чествувања продолжуваат во попладневните часови, поточно во
18.30 часот, кога во театарот „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи вечена
академија, на која свое обраќање ќе има градоначалникот на општина Прилеп,
Илија Јованоски.