Честитка од градоначалникот Илија Јованоски по повод Велигденските празници

Почитувани сограѓани,

И оваа година деновите на Велигденските празници ги пречекуваме во услови на пандемија од Ковид-19, што доведе до промена на нашите навики и однесување. Почитувањето на мерките за заштита од коронавирус, со ништо не го намалува значењето на празникот над празниците, Велигден. Напротив.

Воскресението Христово ја симболизира победата на животот над смртта, ни дава надеж и сила да издржиме во тешките моменти со коишто сите ние се соочуваме. Токму сега, кога најмногу ни е потребна вера, верба и храброст, Велигден е нашата духовна поткрепа која ни помага да ги надминеме искушенијата и од борбата со невидливиот непријател, сплотени да излеземе како победници.

Големиот христијански празник, Воскресението Христово – Велигден, нека ги исполни со топлина нашите срца. Нека биде поттик да истраеме во создавањето добри дела и градењето општество во кое ќе владеат меѓусебното разбирање, толеранцијата, хуманоста.

Почитувани,

Нека светлината на Христовото Воскресение ви ги осветли вашите срца, а неговата бесконечна љубов го благослови вашиот дом.

Христос Воскресна – Вистина Воскресна!