Честитка од градоначалникот Илија Јованоски по повод 1 Мај

Почитувани,

Меѓународниот ден на трудот, 1 Мај, симболот на борбата за работничките права, годинава го одбележуваме во услови на силни економски предизвици, наметнати врз домашната и светската економија од коронавирусот, кој на тест ја стави одлучноста на државите да ги заштитат работните места и работничките права.

Значителното покачување на минималната плата и зголемувањето на платите на работниците од повеќето државни сектори, паралелно со економско-антикризните мерки за граѓаните и бизнисите кои се најпогодени од здравствената криза, овозможија полесно справување со економските последици од коронакризата во нашата држава.

Сепак, она што е најважно, е дека унапредувањето на работничките права, никако не смее да биде условено од состојбите со пандемијата. Во таа насока, би сакал уште еднаш да ја истакнам мојата заложба за континуирана изградба на праведно и правично општество, во кое се ценат, почитуваат и подобруваат работничките права, во кое трудот на работникот е адекватно вреднуван и награден.

Почитувани работници,

Честитајќи ви го Меѓународниот ден на трудот, дозволете на овој 1 Мај да им изразам посебна благодарност и почит на здравствените работници. Тие, со нивната пожртвуваност во битката со невидливиот непријател, го заслужија ептитетот „Херои на новото време“.

Нека е честит 1 Мај.