Божиќен ручек по 20-ти пат за 500 деца во Прилеп

Општина Прилеп беше домаќин на традиционалниот Божиќен ручек, кој по 20-ти пат обедини 500 деца од повеќе градови низ Македонија: Прилеп, Битола, Охрид, Куманово, Тетово, Штип и Струмица.
На првиот ден од Божиќ, во духот на сплотеноста, заедништвото и љубовта, заедно се славеше Христовото Рождество. Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, упатувајќи честитки по повод новогодишните и божиќните празници, истакна:
„Божиќ нè потсетува дека не постојат разлики, туку постојат само наши деца. Тие се нашата сегашност и нашата иднина, а преку нив празникот ја добива својата вистинска смисла. Дарувањето, љубовта и добрината се најголемото богатство што можеме да го споделиме — денес и секој ден. Особена благодарност упатувам до организаторите, Детската амбасада за сите деца во светот, која веќе 20 години со посветеност и хуманост го организира овој Божиќен ручек. Заедно испраќаме силна порака дека секое дете заслужува внимание, топлина и еднаква шанса за среќно детство. “
Божиќниот ручек го благослови неговото преосвештенство, почитуваниот викарен архиереј на Преспанско-пелагониската епархија, господин Никола. Општина Прилеп и понатаму ќе продолжи да ги поддржува ваквите хумани и значајни иницијативи, кои ги негуваат детството, солидарноста и човечноста.