Бесплатен јавен градски превоз за сите граѓани во недела – 17-та  Седница на Советот на Општина Прилеп

Советот на Општина Прилеп на денешната редoвна, 17-та седница, го усвои планот на развојните програми на Општина Прилеп за 2023-2025 година, во кои се најдоа низа проекти од витално значање за развој на Прилеп.

Предлог – одлука за проширување на Буџетот на Општина Прилеп за 2022 година, одлуката за измената на распоредот на средствата во Буџетот на Општина Прилеп за 2022 година и кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Прилеп за вториот квартал од 2022 година, денеска беа изгласани и одобрени од страна на мнозинството советници на Советот на Општина Прилеп.

На денешната 17 -та седница на Советот на Општина Прилеп присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески кој ја образложи развојната програма пред советниците и одговараше на советнички прашања поврзани со  работењето на локалната власт и ЈКП во Прилеп.

На Седница на Советот на Општина Прилеп беше разгледан тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈП за ПУП Прилеп, за период од 01.07.2022 година до 30.09.2022 година за која советниците дискутираа, а одлуката за  бесплатен јавен превоз за сите граѓани во недела, едногласно ја изгласаа.

Исто така, пред советниците се најдоа и  тримесечните извештаи за финансиското работење на ЈКП во Прилеп за период од 01.07.2022 до 30.09.2022 година на: ЈКП ,,Водовод и канализација“- Прилеп, ЈКП ,,Пазари“- Прилеп,  ЈКП ,,Комуналец“- Прилеп, ЈПЕД ЕНЕРГО ПРИЛЕП – Прилеп, како и тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈОУ Дом за стари лица ,,Киро Крстески Платник” – Прилеп, за истиот период,  давајќи притоа согласност на одлуката за расходите на основните средства на ЈОУ Дом за стари лица ,,Киро Крстески Платник” и прифаќање на одлука за давање на трајно користење на комунално возило за перење и полевање на улици и снабдување со вода на  ЈКП Комуналец-Прилеп, како и одлука за давање на трајно користење на таблети на ООУ ,,Добре Јованоски’’-Прилеп.

Советниците на денешната Седница на Советот на општина Прилеп одлучија да дадат на трајно користење недвижен имот (објект кој се наоѓа на КП 21466 КО Прилеп) во сопственост на ЕЛС-Општина Прилеп; ја усвоија програмата за измена и дополнување на Програмата за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Прилеп, одлуката за определување на крајбрежен појас на поток 2 во Општина Прилеп опфатен со УПС Тројкрсти, Блок 3, КО Тројкрсти – Општина Прилеп и донесоа решение за разрешување и именување на претставник на Општина Прилеп во  Училишниот одбор на ООУ “Гоце Делчев”-Прилеп.