Анѓушев: Најдено е решение за „Еурокомпозит“

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и
врски Горан Сугарески и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски денеска
остварија средба со претставници на вработените и менаџментот на фабриката
за наменско производство „11.Октомври-Еурокомпозит“.

Вицепремиерот Анѓушев, кој подолго време го водеше процесот на преговори со
потенцијалните инвеститори, како и со вработените во прилепски „11.Октомври-
Еурокомпозит“, изјави дека конечно е најдено решение за фабриката.
„Работевме долго на ова прашање, проблемот е долготраен. Тој не настана во
овие година и половина, туку е актуелен дваесетина години. Не беше лесно да се
најде инвеститор за компанија која има негативен капитал, но во моментов имаме
две можни решенија. Првото, во рамките на тековните активности, доколку некои
процеси се случат и се реализираат неколку договори, „Еурокомпозит да биде
саниран во постојниот формат. Доколку тоа не се случи во следните десетина
дена, тогаш ќе го употребиме второто решение кое е исто како и за „Фени“. Тоа
значи дека согласно законите, компанијата ќе влезе во стечај со реструктуирање,
при што е обезбеден и најден инвеститор. Тој истовремено и ќе ја санира
состојбата во компанијата, во најголем дел ќе се погрижи вработените да бидат
обештетени, што е и наш приоритет, а истовремено баравме да продолжи со
активностите во фабриката. Бидејќи, ништо не сме направиле доколку не
обезбедиме таа и во иднина да работи. Се договоривме со вработените, доколку
во следните десетина дена не успеа првото, тогаш на располагање го имаме
второто решение, со обезбеден инвеститор и обезбеден санатор за
реструктуирање на компанијата“, изјави заменик претседателот на Владата Кочо Анѓушев, за време на денешната посета на Прилеп.

„11.Октомври-Еурокомпозит“ АД Прилеп, е фабрика за наменско производство во
државна сопственост, чиј долг во моментов изнесува повеќе од 5 милиони евра.