Амбасадорот на Руската Федерација Олег Шчербак, ја отвори изложбата „Москва денес“

Амбасадорот на Руската Федерација Олег Шчербак, ја отвори изложбата „Москва денес“

По повод 24 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Руската Федерација и Република Македонија, во ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“ се одржа изложба на фотографии со наслов „Москва денес“.

Изложбата која се базира на официјални фотоматеријали доставени од Москва, ја отвори амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчербак, кој рече дека целта на изложбата е граѓаните на Прилеп да се запознаат со современиот изглед на руската престолнина.

„Москва има 12 милиони жители, а секоја година е посетен од 20 милиони туристи, град во кој се спојуваат најмодерни архитектонски и технолошки решенија, со претпазлив однос кон традицијата и наследството од минатото. Москва има повеќе од 400 музеи и околу 400 универзитети. Ја користам оваа прилика, да нагласам дека амбасадата на Руската Федерација почнува со прием на кандидати од Република Македонија на руските образовни институции. Тоа е државна стипендија која им дава можност на талентираните млади луѓе, бесплатно да студираат на руските високообразовни институции“, изјави амбасадорот Шчербак.

На отворањето на изложбата присуствуваше и градоначалникот Илија Јованоски, кој рече дека му претставува чест што амбасадорот на Руската Федерација отвора изложба, која ќе го збогати културното живеење во Прилеп.

„Ми претставува особено задоволство што изложбата ја отвора амбасадорот Шчербак и што граѓаните на Прилеп, преку прекрасните фотографии, ќе можат да се запознаат со дел од убавините на Москва. Ме радува информацијата која ми ја соопшти амбасадорот, дека 40 студенти од нашата држава ќе добијат стипендии за студирање на некоја од образовните институции во Руската Федерација. Се надевам дека меѓу нив ќе има и наши сограѓани“, истакна градоначалникот Јованоски.

Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Олег Шчербак и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, разговараа за можностите за продлабочување на соработката помеѓу Прилеп и градовите од пријателска Русија. Во таа насока, градоначалникот Јованоски му упати официјална покана на амбасадорот Шчербак, во најскоро време да ја посети Општина Прилеп.