Забава за сите возрасти, на Денот на независноста во Прилеп

Денот на независноста, 8-ми септември, Општина Прилеп ќе го одбележи со многу настани. Изутрината со почеток од 09:00 часот делегации од Општина Прилеп ќе положат свежи цвеќиња пред споменикот„Карпалак“,пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Кузман Јосифоски-Питу и Могилата на непобедените. Во чест на празникот претставници од Владата на Република Македонија, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески,заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлевски и заменик министерот за култура Владимир Лазовски, претставници од Општина Прилеп, градоначалникот Илија Јованоски,претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски, пратениците во Собранието на Република Македонија, директорот на Завод и Музеј-Прилеп, Благоја Атанасоски и други истакнати работници од општествено-политичкиот и културен живот на Прилеп ќе ја посетат Спомен куќата на Блаже Конески, во Небрегово.

Овде во 11:00 часот ќе биде промовиран Зборник на трудови од повеќе автори, посветени на ликот и делото,на основоположникот на македонскиот литературен јазик, граматика, правопис, писателот и поет, литерат,Конески.

Од 12:00 до 13:00 часот на камената бина во центарот на градот, дечињата од градинките „Детска иднина“ ќе изведат богата забавна програма, наменета за најмладите врсници од градот.

Забавата по повод Денот на независноста продолжува вечерта на платото пред Градски саат. Од 20:30 часот до 21:30 избор на добро познати рефрени од македонската и светска музичка сцена во интерпретација на Марија Јаковлевска и Анастазија Христоска.

Од 21:45 до 23:15 часот поп – рок кавер бендот The FOUR ќе одржи свој концерт,музика за сите генерации и за секоја пригода. Бенд со сценска харизма, којшто успева да ја разигра публиката.

Од 23:30 до 01:00 часот по полноќ следи сет на DJ- Dave Schwardz. Тој е еден од најдобрите и најмладите ди-џеи во регионот, препознатлив по својот модерен стил во светот на музииката.

Драги сограѓани – ЧЕСТИТ ПРАЗНИК со богатата културна понуда на Општина Прилеп!