Свечена академија по повод 55 години јубилеј на ООУ „Климент Охридски“

„Посветете поголемо внимание на македонскиот јазик, правописот и читањето книги. И исто како и досега почитувајте ги вашите наставници и родители!“ Со оваа порака вечерва градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, се обрати пред присутните на свечената академија, што по повод утрешниот патрон празник на ООУ „Климент Охридски“ се одржа во театарот „Војдан Чернодрински“. По повод 55 годишниот јубилеј, Општина Прилеп на ООУ „Климент Охридски“ му подари и два комјутера, со средства од буџетот наменет за развој на образованието.

„Сакам пред се да го честитам, јубилејот – 55 години од основањето на ООУ „Климент Охридски“. Ова е една респектабилна бројка од 55 години, период низ којшто поминале генерации и генерации ученици. Сакам да укажам на тоа дека како градоначалник на Општина Прилеп, секогаш ќе го поддржувам образованието и воспитувањето на децата. Ќе го поддржувам секое подобрување на образовниот систем во нашиот град. На учениците им порачувам како и досега, да ги почитуваат своите наставници и родители. Да ги заборават малку своите мобилни телефони и комјутери и повеќе внимание да посветат на книгата и изучувањето на македонскиот јазик. Општина Прилеп подарува два компјутера по овој повод, а за тоа каде ќе бидат распределени овие комјутери ќе одлучат директорот и наставниците на училиштето. Посакувам ова училиште да прославува уште многу вакви јубилеи“, порача градоначалникот Јованоски, од говорницата на оваа свечена академија.

Според директорот на ООУ „Климент Охридски“,Зоран Сребреноски, за вработените и учениците овој е светол и значаен јубилеј, што го одбележуваат заедно со славењето на делото на својот патрон, еден од најголемите словенски просветители Климент Охридски.

„Овој празник за нас е значаен, бидејќи не потсетува на големото значење на Климент Охридски, неговото дело, а од друга страна не поттикнува на обврска да посветиме поголемо внимание на образованието и воспитанието на нашите ученици за да можат да постигнуваат уште поголеми резултати и успеси. А, ние си земаме обврска да бидеме вредни наставници, што целосно ќе се посветат на образованието на младите“, потенцираше директорот Сребреноски.

Денеска по повод чествувањата на државниот празник „Климент Охридски“ и патронот на основното училиште, делегација од училиштето составена од наставници и ученици и делегација од Општина Прилеп, предводена од претседателот на Советот, Миле Талески, положија свежи цвеќиња на споменикот на Методија Андонов – Ченто во центарот на градот. Свежи цвеќиња беа положени и на Могилата на непобедените.