77 години од загинувањето на народниот херој, прилепчанецот Кузман Јосифоски-Питу

Со полагање свежо цвеќе пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу во
центарот на Прилеп, како и пред неговите спомен бисти во истоименото
училиште и Алејата на народните херои, денеска беше одбележана 77
годишнината од загинувањето на народниот херој.

Согласно мерките за заштита од коронавирусот и во помал број, делегации од
Општина Прилеп, општинскиот Совет, средното економско училиште и Сојузот
на борци од градот, се поклонија пред спомен обележјата на Кузман Јосифоски-Питу, оддавајќи достојна почит на неговото револуционерно дело.

Кузман Јосифоски-Питу, е идеологот и еден од најзаслужните за
организирањето на НОБ и антифашистичкото движење во Македонија. Тој е
иницијаторот и главен организатор на Првото заседание на АСНОМ, како и
автор на неговите државотворни документи.

Роден е во Прилеп на 23 јуни 1915 година, а загинал во Скопје на 25 февруари
1944 година, погоден од куршум на бугарски војник.