Градоначалникот Јованоски иницираше средба со надлежните институции со цел, превенција на лајшманиозата

„Имајќи ги предвид одредени гласишта деновиве дека во Прилеп е алармантна
состојбата со лајшманиозата, ја иницирав оваа средба на сите надлежни служби
во општината, со дел од овој работен состанок да излезат и решенија, конкретни
активности, како да се спречи ширењето на болеста меѓу кучињата, и што е уште
позначајно да се спречи нејзина појава кај човекот“, порача на почетокот на
средбата градоначалникот Илија Јованоски.

На денешната средба на која се лоцираше проблемот со лајшманиозата,
присуствуваа претставници од Центар за јавно здравје – Прилеп, инфективното
одделение, ветеринарната клиника, ЈКП „Комуналец“, Кинолошкиот сојуз од
Прилеп, Полициската станица од општа надлежност – Прилеп и Инспекторатот при
локалната самоуправа.

Општ заклучок е дека состојбата не е алармантна,но дека треба да се преземаат
континуирани конкретни мерки пред се, за соодветно згрижување на кучињата
–домашни миленици и кучињата -скитници. Ова особено поради фактот што
повеќе од една деценија согласно со законската регулатива и покрај
надлежностите, Општина Прилеп не преземала мерки за решавање на проблемот
со кучињата скитници.

На средбата се разговараше за превенирање на состојбата,во тие рамки и
предлогот за измена на законската регулатива, што ќе рече еутаназија на
заболените кучиња со лајшманиоза.

„Иако станува збор за непопуларна мерка, неопходно е да се спречи
понатамошното ширење на болеста и нејзиното пренесување кај луѓето. Ова
особено затоа што многу ретко и сопствениците на кучиња заболени со
лајшманиоза не се подготвени да ги платат трошоците во висина од околу 500
евра годишно, за лекување на кучето. Но, оваа состојба мора да се спречи.Треба
да се преземат мерки и кучињата да се обележат, да се носат редовно на преглед
кај ветеринар, да се вакцинираат против сите болести според календарот за
имунизација на кучиња. Од друга страна, неопходно е да се побара помош од
ветеринар секогаш кога ќе се забележат одредени проблеми кај домашното
милениче, но и кај кучињата скитници“,констатираа претставниците на присутните
институции, сите во рамките на својата надлежност.

„Предлогот е да се внимава и да се упати апел за зголемена будност кај
сопствениците на домашните миленичиња, кучињата кај кои што ќе се појават
одредени надворешни видливи промени, да се пријават во ветеринарната
инспекција, ветеринарната станица … Исто така претставници на Полициската
станица од Прилеп, апелираат до граѓаните,кога ќе забележат одредена промена
кај бездомните кучиња, да го пријават таквиот случај на бројот 192. Во рамки на
Законот за заштита од заразни болести, Општина Прилеп во континуитет презема
мерки за дезинсекција во градот, а доколку е тоа потребно, ќе се изврши уште
едно прскање со цел да се уништат инсектите што ја пренесуваат болеста кај
човекот“, истакна Моника Талеска од Општина Прилеп.
Во ЈКП „Комуналец“ се работи на подготовка и ставање во законска рамка на
стационарот за бездомни кучиња, чиј максимален капацитет е до 50 кучиња.

Во стационарот е вработен и ветеринарен лекар, кој ќе работи на превенирање и на други болести кај кучињата, не само на лајшманиозата. Иако не постои точна
бројка на кучињата скитници, се смета дека нивниот број во моментов изнесува
околу 200.

Од Центарот за јавно здравје велат дека во Прилеп, заболувањето на луѓе од
лајшманиоза за прв пат е регистрирано во 2007 година. Досега се евидентирани
19 случаи на заболени, а три завршиле со фатални последици.
„Лајшманиозата е примарно заболување на животните. Најважен резервоар кај
нас се кучињата. Од заболени кучиња на човек, болеста се пренесува со
каснување преку еден ситен инсект, кој е сличен на комарците, но е помал од нив.
Каснувањето од овој инсект не остава никакви промени на кожата, така што
човекот не знае дека бил каснат од инсект. Лајшманиозата е ендемско
заболување во тропските предели, но како резултат на климатските промени, се
јавува и во земјите со континентална клима. Секој е осетлив на болеста, но
поради послабиот имунитет, децата се почувствителни на неа. Станува збор за
сериозно заболување кое има период на долга инкубација, заради што може да се
открие многу доцна, кога веќе ќе се појават компликации. Нејзини карактеристични
знаци се појавата на анемија, паѓање на бројот на сите крвни елементи,
зголемување на црниот дроб и слезината“, потенцира д-р Татјана Станимировиќ
од ЈУ Центар за јавно здравје – Прилеп.

Од почетокот на оваа година па досега, во Прилеп е регистриран еден случај на
заболување кај луѓето. Станува збор за дете на возраст од две години, кое било
излекувано на Клиниката за детски болести во Скопје.

Денешните заклучоци Општина Прилеп официјално ќе ги достави до сите
институции во градот, чии претставници присустуваа на оваа средба, со цел
предложените мерки да се ефектуираат.