Поминаа 25 години од трагичниот настан кај Карпалак, но времето не може да ги избрише спомените и имињата на десетмината прилепски бранители кои своите животи ги положија за Република Македонија.
Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски – десет синови на Прилеп, чии имиња засекогаш остануваат запишани во историјата на нашиот град и нашата татковина.
По повод 25-годишнината од трагичниот настан, во организација на Општина Прилеп, многубројни делегации од институциите на Република Македонија им оддадоа почит на загинатите бранители со положување свежо цвеќе во касарната „Мирче Ацев“, пред спомен-обележјата кај селото Лениште, во центарот на Прилеп и пред вечните почивалишта на хероите.
„Карпалак останува болно сведоштво за трагедијата и за цената на мирот, но истовремено и вечен симбол на храброста, пожртвуваноста и љубовта кон татковината. Како градоначалник на Прилеп, чувствувам длабока обврска да го чуваме споменот на нашите десет бранители, не само на деновите кога им оддаваме почит, туку секојдневно, со дела и со одговорност кон градот и државата што им ја должиме на идните генерации“, истакна градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.
Карпалак останува болно сведоштво за трагедијата и за цената на мирот, но и симбол на храброста, пожртвуваноста и љубовта кон татковината на оние кои во најтешките моменти го ставија долгот кон државата пред сопствениот живот.
Општина Прилеп останува посветена на негувањето на споменот на загинатите бранители и на пренесувањето на нивната приказна до идните генерации. Паметењето не е само наша должност кон нив и кон нивните семејства, туку и наша обврска кон иднината, да ја разбираме вредноста на мирот, почитта и човечкиот живот и никогаш да не дозволиме ваквите трагедии да се повторат.
На семејствата на загинатите бранители им упатуваме длабока почит и благодарност. Нивната болка не може да се надомести, но нивните најмили засекогаш ќе останат дел од Прилеп и од македонската историја.
Вечна слава на хероите од Карпалак!
Нека е вечен нивниот спомен!

