Финишираат активностите за отворање на Дневниот центар за лица со церебрална парализа

Градоначалникот Илија Јованоски, денеска оствари неформална средба со
Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа. Средбата
беше во функција на отворање на Дневниот центар за лица со церебрална
парализа, на која градоначалникот ги информираше членовите на Здружението за
завршните работи пред пуштањето во употреба на Дневниот центар.

Доколку се’ тече според планираното, како што напомена градоначалникот,
Дневниот центар за лица со церебрална парализа ќе биде отворен за
петнаесетина денови. Во таа насока е и огласот за вработување на 6 стручни
лица, социолог, дефектолог, педагог, физиотерапевт и медицинска сестра, како и
возач, кој со специјално возило ќе ги превезува лицата со церебрална парализа
од нивните домови до Дневниот центар и назад.

Дневниот центар ќе има капацитет за згрижување на 30 корисници, но доколку се
констатира дека постои потреба за негово проширување, потенцираше
градоначалникот Јованоски, Општина Прилеп ќе преземе мерки за зголемување
на посјниот капацитет, со цел ниту едно лице со церебрална парализа да не
остане незгрижено

Градоначалникот Јованоски посочи дека главниот проблем со кој во моментов се
соочува Општина Прилеп, е немањето точна бројка на лица со церебрална
парализа, а со таков податок не располагаат ниту во Здружението на родители на
деца заболени од церебрална парализа, ниту во Меѓуопштинскиот центар за
социјална работа во Прилеп. Сепак, во наредните денови до отворањето на
Дневниот центар, и овој проблем ќе биде надминат.

На денешната средба присуствува и членови на Центарот за поддршка на лица со
интелектуална попреченост „ПОРАКА“, на кои Општина Прилеп на користење им
додели простории во старата општинска зграда. Тие ја истакнаа потребата од
ангажирање на две лица, кои би работеле со корисниците на социјалниот клуб.
Градоначалникот Јованоски истакна дека доколку во општинскиот буџет за
тековната година постојат средства за таа намена, веќе од 1.октомври Општина
Прилеп ќе вработи две стручни лица. Во спротивно, вработувањата ќе се
реализираат од 1.јануари 2019 година.