СВЕЧЕНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ПРИЛЕП ПО ПОВОД 3 НОЕМВРИ – ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ПРИЛЕП

0

Во чест на 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп, во НУЦК „Марко Цепенков“ се одржа Свечена седница на Советот на Општина Прилеп, на која што градоначалникот Дејан Проданоски, претседателката на Советот Билјана Кржеска и претседателот на Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници Христијан Тунески ги доделија традиционалните награди и признанија на заслужни поединци и институции кои со својата работа, знаење, талент и посветеност придонесуваат за развојот и афирмацијата на нашиот град.

3 Ноември е датум кој нè потсетува на храброста и пожртвуваноста на генерациите кои се изборија за слободата на Прилеп. Но, истовремено, ова е и ден кога им оддаваме почит на оние кои со своите достигнувања, секој во својата област, го продолжуваат патот на развојот и создаваат вредности со кои градот може да се гордее.

Наградата за животно дело му беше доделена на Илија Димоски – Шаторо, прв претседател на Општинското собрание – Прилеп во плуралистичкиот демократски период, за неговиот придонес во општествениот и политичкиот живот на градот.

Третоноемвриски плакети им беа доделени на:

-Црковниот хор при црквата „Св. Петка“ – за активното учество во парохискиот богослужбен живот и духовната дејност на храмот.

-Винарија „Сарика“ – за одгледување винова лоза и производство на автентично вино, како придонес во развојот и афирмацијата на локалното стопанство.

-НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп – по повод 65 години од постоењето на Меморијалниот музеј „11 Октомври“, посветен на зачувувањето и презентацијата на историското и културното наследство.

-„Витаминка“ – по повод 70 години успешно постоење и работа, како една од препознатливите компании што го обележуваат стопанскиот развој на Прилеп.

Третоноемвриски дипломи добија:

-Никола Здравески – за освоените златен и сребрен медал на Светската олимпијада по географија.

-Кирил Петрески (постхумно) – за долгогодишната работа како драматург и режисер во Театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

-Благица Чатлеска – наставник по англиски јазик во ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп, за својот придонес во образованието.

-Димитар Димитриоски – прилепски ракометар и најдобар стрелец во Ракометната супер лига на Македонија.

-Стефче Стојковски – музички уметник, за придонесот во музичката уметност и афирмацијата на македонската традиционална музика.

-Матеј Белистојаноски – за извонредните спортски достигнувања и титулите светски и европски првак во карате во својата категорија.

-Антонио Јакимовски – научен работник со високи достигнувања во областа на археологијата и професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

-Марјан Стојаноски – за својот придонес во академската уметност и скулптурата.

Во рамките на празничната програма, во НУЦК „Марко Цепенков“ беа отворени и две изложби. Во Ликовната галерија беа претставени дела од меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“, преку кои посетителите имаа можност да се запознаат со процесот на создавање монументални метални скулптури наменети за јавните простори во Прилеп. Во фоајето беше поставена и изложбата на документи и фотографии од Државниот архив – Одделение Прилеп, под наслов „Прилеп по 1945 – Години на промени и развој“, која преку архивски сведоштва го прикажува повоениот развој на градот.

Свечената седница уште еднаш потврди дека зад напредокот и афирмацијата на Прилеп стојат луѓе кои со својата работа оставаат трајна вредност. Од науката и образованието, преку културата и уметноста, до спортот, стопанството и духовниот живот, нивните постигнувања се дел од современата приказна за нашиот град.

Честитки до сите добитници! Нека нивните успеси бидат поттик за нови генерации да вложуваат во знаењето, да ги развиваат своите таленти и со својата работа да придонесуваат за Прилеп.

Нека ни е честит 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп!