Во преполната сала на НУЦК „Марко Цепенков“, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, пред граѓаните презентираше што е сработено во изминатата година, кои проекти се во тек и какви инвестиции се подготвуваат за наредниот период.
Отчетот беше можност преку конкретни проекти, реализирани активности и финансиски показатели да се направи пресек на сработеното во областите што непосредно влијаат врз секојдневниот живот на прилепчани: инфраструктурата, животната средина, образованието, културата, спортот, младинските политики, социјалната заштита и подобрувањето на услугите кон граѓаните.
„Граѓаните не очекуваат од нас само ветувања, туку решенија што ќе ги видат во својот град и ќе ги почувствуваат во секојдневниот живот. Затоа отчетот го гледам како обврска, а не како формалност. Со резултатите треба да покажеме што сме направиле, но и отворено да зборуваме за работите што сè уште чекаат да бидат решени“, истакна градоначалникот Проданоски.
Инфраструктурата и инвестициите – основа за развој на Прилеп
Во делот посветен на инфраструктурата беа презентирани реализираните и тековните проекти за реконструкција на улици, подобрување на патната мрежа, уредување на јавните простори и изградба и реконструкција на водоводната инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на поддршката од Владата на Република Македонија, преку која за Општина Прилеп се обезбедени средства за 18 капитални проекти во вредност од околу 12 милиони евра. Шест проекти се завршени, пет се во завршна фаза, а седум се во почетна фаза на реализација.
Меѓу значајните инвестиции се: започнатиот проект за рехабилитација на улици и патишта во градот и сите населени места, реконструкцијата на водоводната мрежа на улицата „Кузман Јосифоски“, изградбата на водоводите во Лениште и до манастирот „Св. Димитрија“ кај Селце, како и поставувањето фотонапонска електроцентрала на пречистителната станица.
„Подобрата инфраструктура значи побезбеден сообраќај, поуредени јавни простори, подобри услови за стопанството и нови можности за инвестиции и работни места. Продолжуваме да вложуваме во проекти што ги решаваат реалните потреби на граѓаните и создаваат услови за понатамошен развој на Прилеп“, нагласи Проданоски.
Почист Прилеп и подобро управување со отпадот
Заштитата на животната средина беше една од централните теми на отчетот. Беа презентирани активностите на ЈКП „Комуналец“, еколошката акција „Еко мисија – Твојот потпис за природата“, проширувањето на системот за селекција на отпадот и изградбата на фабриката за селекција.
Во големата еколошка акција се вклучија повеќе од 1.000 граѓани, ученици и доброволци. Дополнително, за домаќинствата се обезбедени 8.318 канти за отпад, поставени се нови контејнери и опрема, а Прилеп располага и со 48 специјализирани контејнери за собирање стакло.
Посебно значење има фабриката за селекција на отпад, инвестиција вредна 90 милиони денари, со капацитет за обработка до 10 тони отпад на час. Таа претставува важен чекор кон современ систем за управување со отпадот.
Прилеп доби и меѓународно признание за своите активности во оваа област, освојувајќи ја наградата „Municipal Circular Leadership Award 2026“ за лидерство во циркуларната економија во Западен Балкан.
Градоначалникот посочи дека резултатите во селекцијата на отпадот се причина за гордост, но и дека одржувањето на јавната хигиена бара одговорност од сите.
„Не можеме за секој граѓанин да имаме по еден вработен во „Комуналец“. Не може „Комуналец“ да дочисти толку колку што ние можеме да расфрламе и извалкаме. Затоа, покрај инвестициите и работата на јавните претпријатија, потребни се и промени во нашите навики. Градот е заеднички и сите треба да придонесеме за неговата чистота“, порача Проданоски.
Образованието – инвестиција во иднината на децата
Во делот за образованието беа претставени инвестициите во училиштата и подобрувањето на условите за учење, спорт и престој на учениците.
Меѓу позначајните проекти се реконструкцијата на фасадата на ООУ „Рампо Левката“, уредувањето спортски игралишта во училиштата „Рампо Левката“, „Кире Гаврилоски – Јане“ и „Кочо Рацин“, како и активностите за комплетирање на спортската сала во ООУ „Блаже Конески“. Реализирани се зафати и во други основни и средни училишта, како и во објектите на детската градинка „Наша иднина“.
Вкупните инвестиции во подобрување на условите во образованието во првата година од мандатот надминуваат 40 милиони денари.
Покрај вложувањата во инфраструктурата, Општината им даде поддршка и на учениците и наставниот кадар. На настанот „Амбасадори на знаењето“ беа наградени 140 основци и средношколци кои освоиле први, втори или трети места на национални и меѓународни натпревари.
„Нашата цел е секое училиште во градот и во населените места да добие подобри, побезбедни и пофункционални услови. Но, образованието не се само објектите и училишните дворови, тоа се и учениците што постигнуваат успеси, наставниците што вложуваат во нивниот развој и можностите што им ги создаваме на младите“, истакна градоначалникот.
Повеќе можности за младите, културата и спортот
Културниот и спортскиот живот, како и создавањето повеќе можности за младите да останат, да творат и да се развиваат во Прилеп, беа дел од темите на отчетот.
Во 2026 година средствата за културни манифестации се зголемени од 4 на 12 милиони денари, додека за спортските клубови и здруженијата се издвоени 14,5 милиони денари.
Прилеп организираше и поддржа бројни културни, музички и спортски настани, меѓу кои „Св. Никола“, „Прилепската празнична приказна“, карневалот „Прочка“, „Фестивалот на пивото“, џез-фестивалот и многубројни спортско-рекреативни манифестации.
Во НУЦК „Марко Цепенков“ е отворена музичка соба за младите музички таленти, а по десетгодишна пауза повторно е активиран Градскиот дувачки оркестар на Прилеп. Изградено е и ново детско игралиште во населбата „Типски“, а реконструирани се спортските игралишта во Точила.
Проданоски истакна дека вложувањето во културата и спортот е важно не само за збогатување на градскиот живот, туку и за создавање содржини во кои младите ќе можат активно да учествуваат.
Социјална заштита и подобри услуги за граѓаните
Во рамките на социјалните политики, Општина Прилеп обезбедува еднократна финансиска помош од 6.000 денари за новороденчињата и поддршка од 3.000 денари за секое дете запишано во прво одделение.
Прилеп доби и Центар за дневен престој на стари лица за активно стареење, со капацитет за околу 50 корисници, со што се прошируваат услугите и поддршката за повозрасните граѓани.
Во насока на подобрување на услугите, отворен е и Центар за услуги, преку кој граѓаните добиваат помош при користењето на дигиталните услуги и пристап до услугите достапни на Националниот портал за е-услуги.
„Општината треба да биде сервис на граѓаните. Нашата задача е услугите да бидат подостапни, постапките поедноставни, а поддршката да стигне до оние на кои им е најпотребна“, посочи градоначалникот.
Следуваат нови инвестиции и проекти
На завршниот дел од отчетот, градоначалникот ги претстави и проектите што се подготвуваат или наскоро треба да започнат со реализација.
Меѓу нив се реконструкцијата на улиците „Трајко Николоски“ и „Орде Чопела“, изградбата на дел од улицата „Победа“ и нов мост, поставувањето полуподземни контејнери на 21 локација, како и инфраструктурното уредување на населбата Градина.
Во подготовка се и други значајни проекти, меѓу кои обиколниците Исток и Запад, реконструкцијата на улиците „Александар Македонски“ и „Егејска“, уредувањето на улиците „Бистра Планина“, „Осоговска“ и „Зеленгора“, изградбата на училишна спортска сала во Мало Коњари и изработката на нов Генерален урбанистички план.
Општината работи и на проекти за подобрување на водоснабдувањето, канализациските системи, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност и одржливата урбана мобилност.
„Не сакам по четири години да зборуваме само за тоа што сме го ветиле. Сакам да зборуваме за она што сме го оставиле зад себе, за завршените проекти, за решените проблеми и за новите можности што сме ги отвориле за Прилеп. Тоа ќе биде вистинската мерка за нашата работа.“, истакна градоначалникот Дејан Проданоски.
Во завршното обраќање, градоначалникот им се заблагодари на граѓаните, општинската администрација, Советот на Општина Прилеп, јавните претпријатија, институциите и сите што придонесуваат за развојот на градот.
„Прилеп е поголем од секој поединец и секој мандат. Наша должност е да го оставиме подобар отколку што сме го затекнале. Да направиме од Прилеп град во кој иднината нема само да ја очекуваме, туку ќе ја создаваме. Тука. Со сопствени сили. Со јасна цел и со дела што ќе останат и по нас.“
Настанот „365 дена, јасна насока, развој и напредок“ преку разговор на сцената помеѓу градоначалникот со модераторот и видео прилози, ја заокружи првата година од мандатот со одличен преглед на реализираните активности и најавените инвестиции, а Општина Прилеп продолжува со подготовка и реализација на проекти насочени кон подобрување на условите за живот, развојот на градот и потребите на сите граѓани.

