Општина Прилеп продолжува со инвестиции во развојот на индустриските капацитети и подобрување на инфраструктурата.
Во Индустриската зона „Металец“ (Прилеп 1) во тек е реализација на проект за асфалтирање, односно реконструкција и доизградба на патната инфраструктура во должина од 973 метри, со ширина на коловозот од 7 метри. Проектот опфаќа и изградба на тротоари од двете страни, со ширина од по 2 метри.
Асфалтирањето се изведува во два слоја, со вкупна дебелина од 13 сантиметри (9 + 4 см), со што се обезбедува квалитетно и долготрајно решение за сообраќајот во зоната.
Дополнително, на дел од трасата се врши и реконструкција на подземната инфраструктура, како и поставување на ново улично осветлување, што ќе придонесе за подобра функционалност и безбедност. Изведувач на градежните активности е фирмата „Изофас“ ДОО од Прилеп.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 37.345.582,23 денари со вклучен ДДВ, а средствата се обезбедени од развојната програма на Општина Прилеп.
Со ваквите проекти, Локалната самоуправа создава подобри услови за работа на компаниите и поттикнува економски развој на локално ниво.

