Започна реконструкција на јавна површина во центарот на Прилеп

Се реконструира централното градско подрачје во Прилеп, во близина на некогашниот хотел „Скопје“, како продолжение на плоштадот Методија Андонов – Ченто, кој ќе претставува нова уредена пешачка зона во градот. Во изминатите денови градежната механизација го отстранува стариот слој на асфалт и го подготвува теренот за поплочување и урбано уредување на овој простор, кој за пет месеци ќе добие нов современ урбан лик.
На просторот е планирано поставување нова урбана опрема со над 20 нови клупи, обновување на зеленилото, поставување корпи за отпадоци, декоративни елементи и уредување на постојните парковски делови, а ќе биде забрането и паркирање на возила.
„Станува збор за реконструкција и партерно уредување на дел од јавна површина од 2.100 м² – последниот неуреден простор од плоштадот Методија Андонов – Ченто, како и поставување нова урбана опрема. Продолжуваме и со доуредување на просторот зад „Участакот“ за да добиеме една комплетна целина, исклучувајќи ја старата прилепска чаршија, но тоа ќе биде следниот проект на кој интензивно се работи во локалната самоуправа. Средствата за овој проект се во висина од 16.356.730 денари и се обезбедени преку вториот Јавен повик за инвестиции во општините, поддржан од Владата на Република Македонија“, истакна градоначалникот на општина Прилеп, Дејан Проданоски.

Изведувач на проектот „Реконструкција на дел од јавната површина со партерно уредување и поставување урбана опрема во централното подрачје на ул. Јане Сандански“ е компанијата Карпа увоз-извоз ДООЕЛ.