Прилеп влегува во нова развојна фаза!
Општина Прилеп доби близу 8 милиони евра дополнителни средства за реализација на капитални инфраструктурни проекти за 2025 година, преку вториот Јавен повик за инвестиции во Општините, од Владата на Република Македонија.
Со ова, вкупната вредност на инвестициите што Општина Прилеп ги обезбеди во последниве две години преку овој владин инструмент изнесува над 11 милиони евра, за решавање на децениски инфраструктурни предизвици.
„Целта ни е јасна – создавање на современо, урбано и достоинствено опкружување за нашите сограѓани. Работевме посветено и резултатите не изостануваат!“, истакна градоначалникот Борче Јовчески.
✅ Во рамки на новите средства за 2025 година ќе се реализираат:
• Реконструкција на дел од плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ (пред хотел „Скопје“) и поставување урбана опрема
• Изградба на мост на улицата „Победа“ над реката Оревоечка
• Реконструкција на улицата „Орде Чопела“ – влез во градот од правец на Македонски Брод
• Комплетна реконструкција на улицата „Трајко Николоски“ – со електроинсталации
• Ново детско игралиште во центарот на градот (зад Участакот)
• Ново детско игралиште на улицата „Борка Спиркоски“ во Типската населба
• Изградба на водоснабдителен систем во село Лениште
• Реконструкција на главниот потисен цевковод за Индустриската зона и манастирот „Св. Димитрија“ во с. Селце
• Изградба на фотонапонска централа на објектот на Пречистителната станица
• Интеграција на дистрибуирани водоводни локации со SCADA и GIS системите
• Замена на дотраена водоводна мрежа – потег бул. „Гоце Делчев“ до ул. „Ленин“ (фаза хидротехника)
• Реконструкција на фасадата на ООУ „Рампо Левката“
• Поставување полуподземни контејнери на 21 локација низ градот
„Ова е доказ дека кога работиме визионерски, транспарентно и чесно – резултатите се реални и видливи!“, порача Јовчески.
Потсетување:
Во септември 2024 година, преку првиот јавен повик Прилеп доби 3 милиони евра за:
• изградба на кружен тек кај мостот „Табана“
• изградба на дел од ул. „Победа“
• реконструкција на водоводот во населбата Карабдалица
Реализацијата на овие проекти веќе е во тек – водоводните линии се завршени, а другите два проекти влегуваат во градежна фаза следната недела.
Дополнителна поддршка за чиста и зелена животна средина:
Преку Програмата за рамномерен регионален развој 2025, Општина Прилеп обезбеди и два нови еколошки проекти:
1. „Подобро одржување на зелените површини во Општина Прилеп“ – со поддршка од 2.500.000 денари за набавка на мини багер за поефикасно одржување на јавните површини.
2. „Пошумување на споменикот на природата Маркови кули“ – со поддршка од 2.000.000 денари за набавка на трактор, приколка и друга опрема за пошумување и заштита на овој важен природен локалитет.
Договорите се потпишани, а по набавката, механизацијата ќе биде предадена на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, со што активностите започнуваат наскоро.
„Сите овие проекти се уште еден показател за нашата определба – да создадеме град по мерка на граѓаните, со подобар квалитет на живот, одржлива инфраструктура и зачувана природа!“, порача градоначалникот Јовчески.