Започна 56.Интернационален скулпторски симпозиум „Мермер“

„Оваа година се навршуваат 56 години од Интернационалниот скулпторски
симпозиум ‘Мермер’, кој што е во организација на Центарот за современа ликовна
уметност (ЦСЛУ). Уметниците кои ќе ги создаваат своите дела во рамки на овој
симпозиум, ќе ги остават своите дела во Прилеп и тие ќе бидат дел од постојната
збирка на скулптури“, истакна градоначалникот Илија Јованоски за време на
денешната посета на Мермерниот Комбинат, каде скулпторите ги создаваат
своите дела, во рамки на годинешниот Интернационален скулпторски симпозиум.

Градоначалникот Јованоски напомена дека Прилеп е еден од ретките градови кои
располагаат со импозантна збирка на скулптури, чиј број се движи околу 200 и кои
се поставени на различни локации во градот.

„Долгогодишна е соработката помеѓу Мермерниот Комбинат и ЦСЛУ, како и спојот
на индустријата и културата, преку создавање на уметничките дела. Им посакувам
добредојде на уметниците Каролина Палмера од Аргентина и Албулен Незири од
Косово, а нашата соработка ќе ја продолжиме и во иднина“, изјави извршниот
директор на Мермерниот Комбинат, Василис Анагносту.

„Во оваа прилика сакам да искажам благодарност до менаџментот на компанијата
како и до градоначалникот Илија Јованоски, што овозможија и оваа година двајца уметници да остават две скулптури кои ќе го красат централното градско подрачје. ЦСЛУ ќе се труди секоја година да го зголемува бројот на учесници во Интернационалниот скулпторски симпозиум ‘Мермер’ и да ја збогатува збирката на ЦСЛУ“, рече Горан Ристески, претседател на ЦСЛУ. Двајцата скулптори, Каролина Палмера од Аргентина и Албулен Незири од Косово, го искажаа задоволството што имаат можност да бидат дел од
Интернационалниот скулпторски симпозиум и што во следните 11 дена ќе остварат средби со други уметници.

Покрај скулпторите од Аргентина и Косово, оваа година во работилниците кои ги
организира Центарот за современа ликовна уметност, учество ќе земат и
уметници од Бугарија, Србија, Полска, Шпанија, Канада, Русија и Македонија.