Во соработка со Регионалната стопанска комора, СОУ „Орде Чопела“ продуцира стручни кадри за бизнис заедницата

Набавени нови модерни училишни табли во сите училници и кабинети, една
смарт табла, комплетна реконструкција на кошаркарското игралиште, што
подразбира нов асфалтен слоj, заштитна жичана ограда, нови носачи на
кошеви со обрачи, држачи и носачи за одбојкарско игралиште, уреден
училишен двор, унапредена соработка со ЈКП „Комуналец“ за хортикултурно
уредување на јавни површини со цвеќе произведено од учениците од
земјоделската струка.

Ова, како што истакна на денешната прес конференција директорката на СОУ
„Орде Чопела“ Анета Пејоска, се само дел од реализираните активности и
проекти од почетокот на тековната школска година, кои се во функција на
развој и унапредување на воспитно – образовниот процес во училиштето.

„Реактивирана е работата на реалната училишна компанија „Детелинка”, со организација на практична настава за учениците од прехранбената струка од
сите години. Се врши редовно контролирано и ограничено производство на бели печива за потребите на училиштето, со интенција во понатамошниот период производството да се прошири. Од следната учебна година се воведува модуларно средно стручно образование, со што ќе се стави поголем акцент на практичната настава. Затоа нашето училиште е во постојана соработка со Регионалната стопанска комора, преку која е договорена соработка со бизнис заедницата. Наши ученици стекнуваат практично искуство во „Витаминка“, во Ветеринарната клиника и други компании. Се воведуваат нови струки и профили кои се во склоп со европската стручна квалификација, така што покрај постоечките профили односно квалификации, од следната учебна година ќе имаме три нови и тоа: хемиско-лабораториски техничар, техничар за животна средина и техничар за фитофармација“, истакна Пејоска.

Исто така, директорката на СОУ „Орде Чопела“ нагласи дека имаат изработено основни проекти за термофасада, внатрешна столарија и внатрешни подови во училиштето, па се надеваат дека во скоро време, исто како и многи пати досега, со помош на локалната самоуправа чија безрезервна поддршка ја имаат, плановите ќе бидат реализирани.