Во општина Прилеп нема заболени од Коронавирусот – заклучок од состанокот на Регионалниот штаб за управување со кризи

На барање на директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), вечерва во Општина Прилеп се одржа средба на Регионалниот штаб за управување со кризи.

Покрај градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски, на средбата присуствуваа претставници на сите здравствени институции од градот, на ЦУК, МВР, Армијата, Територијалната противпожарна заштита и на неколку други институции.

На средбата која беше од консултативен и превентивен карактер, беа донесени неколку заклучоци меѓу кои и тој дека на територијата на општина Прилеп нема регистрирано ниту едно лице заразено од Коронавирусот и дека сите здравствени установи се координирани и спремни за евентуални пациенти со Коронавирус.

„Состанокот беше од превентивен карактер, со цел да упатиме информација за промена на состојбата во нашиот регион во врска со Коронавирусот, за свиканата седница на Советот за национална безбедност која Претседателот Пендаровски ја закажа за во понеделник. Донесовме заклучок за спроведување на епидемиолошка анкета на сите сомнителни случаи кои доаѓаат од средно и високоризичните земји, кои, ќе повторам, мора да се јават во Центарот за јавно здравје. На вечерашниот состанок разговаравме и за проблемот со неконтролирано доаѓање на граѓани од соседните општини, пред се’ од Долнени и Пласница, каде има лица кои допатувале од Италија. За да ги превенираме евентуалните последици, дадовме предлог до сообраќајната полиција, во сабота, недела и понеделник, да врши контрола на граѓаните кои пристигнале од високоризичните земји, а кои овие денови ќе доаѓаат во нашиот град. Конечно, Регионалниот штаб за управување со кризи констатира дека во овој момент во општина Прилеп нема ниту еден случај на лице заразено со Коронавирусот и дека сите здравствени установи во нашата општина се координирани и спремни за евентуални пациенти со Коронавирус“, изјави градоначалникот Јованоски после средбата на Регионалниот штаб за управување со кризи.