Усвоен буџетот на Општина Прилеп за 2019 година

Советот на Општина Прилеп денеска ја одржаа 22 Седница, на која беше усвоен буџетот за 2019 година, како и Одлуката за извршување на буџетот за следната година.

Образложувајќи го предложениот буџет, неговиот предлагач, градоначалникот Илија Јованоски рече дека во буџетот е вградена развојната компонента, која е препознатлива по високото учество на капиталните расходи од 48 отсто.

„Вкупните приходи во предлог буџетот на Општина Прилеп за 2019 година се проектирани на 1.298.963.649,00 денари, што во споредба со минатогодишниот бележат тренд на раст од 11,94%. Приходите во основниот буџет се проектирани на 515,9 милиони денари и во однос на буџетот од минатата година имаат намалување од 6,08 отсто. Планираните приходи на основниот буџет се базираат врз приходите по основ на даноци од персонален данок, данок на имот, даноци на специфични услуги, такси за користење и дозволи за вршење дејност, неданочни приходи, капитални приходи, трансфери и донации и пренесени вишоци“, истакна во своето излагање градоначалникот Јованоски.

Што се однесува до расходите, тие се проектирани на 1.289.963.649,00 денари и во однос на буџетот од 2018 година бележат раст од 11,94%, додека билансот на расходи на основниот буџет е проектиран на 515,9 милиони денари.

Капиталните проекти на кои им се дава приоритет за 2019 година, се изградба, санација и реконструкција на улици и локални патишта, изградба и одржување на паркови и зелени површини, реконструкција на булеварот „Гоце Делчев“ и улицата „Прилепски бранители“, реконструкција на мостот на улица „Трајко Николоски“, Градскиот стадион „Гоце Делчев“, изградба на кејски ѕидови на градската река, инфраструктура на индустриската зона „Прилеп“ и сл.

Членовите на општинскиот Совет расправаа и за повеќе други точки, меѓу кои и за финансиските планови на јавните претпријатија, а ја усвоија и Програмата за комуникација и односи со јавност за 2019 година.

Претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски напомена дека покрај реконструкцијата на патната инфраструктура, со цел до крајот на 2019 година да нема повеќе неасфалтирани улици на територијата на градот, во следната година ќе бидат реконструирани основните и средните училишта, како и подобрување на условите во детските градинки.

„Имаше различна дебата од страна на советниците, но сепак како претседател на Совет мора да констатирам дека во една демократска атмосфера беа одговорени сите прашања кои беа поставени до градоначалникот и до мене, со цел да се разјаснат сите дилеми во однос на носењето на буџетот. На денешната седница беа опфатени и финансиските планови на ЈКП „Комуналец“, ЈКП „Пазари“, ЈП за ПУП и ЈОУДГ „Наша иднина“. Усвоена беше и информацијата за безбедносната состојба на територијата на Полициската станица од општа надлежност – Прилеп за првата половина од 2018 година“, потенцираше Талевски.

На денешната седница беа донесени одлуки за легализирање на повеќе бесправно изградени објекти и нивно вклопување во постоечките планови.